По триумфот над Мотор Запорожје, ракометарите на Вардар им се вратија на домашните обврски. Избраниците на Стече Алушовски славеа над Охрид во натпревар од суперлигашкиот плеј-оф со 19-23.
Охриѓани на почетокот играа одлично, водеа со плус три, 6-3, беше и 7-4, но вардарци брзо се вратија во игра. Беше 8-8, а потоа се играше гол за гол до крајот на полувремето. Гостите од Скопје заминаа на пауза со водство 10-11.
„Црвено-црните“ на стартот на вториот дел одржуваа предност од гол или два, но избраниците на Раде Стојановиќ одлично парираа и не дозволија ривалот така лесно да стигне до триумфот.
По 15-16, вардарци преку Георгиевски се одлепија на 15-19 и потоа до крајот само рутински ја задржаа предноста за конечен триумф со 19-23. Ова беше втор триумф за Вардар во плеј-офот, за втор пораз за Охрид.