Ракометарите на Прилеп во 3. коло ја остварија првата победа во плеј-аут конкуренцијата од Супер лигата откако на домашен терен го совладаа составот на Радовиш со 20:17.
Гостинскиот тим имаше водство во поголемиот дел од натпреварот, после почетните 3:3 гостите поведоа со 3:5 и 4:8. Сепак завршницата на првиот дел им припадна на ракометарите на Прилеп кои намалија на минус еден на полувреме, 8:9.
Радовиш продолжи да ја одржува предноста и на почетокот на второто полувреме, а тоа го правеше успешно до последните пет минути од мечот. Во 54. минута Илиев погоди за 15:17 на нешто помалку од шест минути до крај, но тоа не беше доволно за прв триумф на Радовишани.
Следуваше голем пресврт на ракометарите на Прилеп кои до крај на дуелот направија серија од 5:0 за голема победа во борбата за опстанок во елитното друштво и наредната сезона. Гостинските ракометари имаат за што да жалат бидејќи дозволија за пет минути да загубат сè што градеа цел натпревар.
Прилеп ги освои првите бодови во плеј аут натпреварувањето, додека составот на Радовиш игра во слаба форма, го забележа третиот пораз и им претстои тешка задача до крајот на првенството за обезбедување опстанок во Супер лигата.