Ракометарите на Работнички ја забележаа втората победа во рамките на плеј-аут лига. По триумфот на Радовиш, избраниците на Стојан Петрушевски славеа над Прилеп со 29-26.
Прилепчани отворија со водство од 2-4, пред домашниот тим да се врати на реми, 4-4. Потоа имаше дури 12 израмнувања на резултатот. На пауза Работнички замина со минимална предност, 15-14.
Во вториот дел Стефан Крстевски погоди на два пати за 17-14 и оттогаш домашниот тим не ја испушти предноста. Искусниот Чантурија донесе минус еден за гостите, 22-21, но се чини дека во следниот период домашните ја направија клучната разлика, иако останаа без Гашовски кој доби црвен картон.
Работнички отиде на 25-21, а Горан Кузманоски залудно викна тајм-аут, бидејќи неговите избраниците погрешија. Гогов одбрани два пати во серија, домашните поведоа со 27-21 и веќе немаше дилеми кој тим ќе ги освои бодовите.
Во следното коло Работнички ќе му гостува на Јуниор Кисела Вода, додека Прилеп на домашен терен ќе се соочи со Радовиш.