Се отвора селекторскиот тефтер на Кирил Лазаров
1.За прв пат…
Еднаш пред многу години, додека го прославувавме пласманот на Македонија на ЕП во Србија, Бранислав Ангеловски на шега реши да состави „ракометна влада“. Бранче знаеше да направи добро расположение во репрезентацијата, беше прв во многу работи, впрочем, прв го „проба“ и дисциплинскиот правилник за вербална изјава…А, ете на шега излезе и прв да ги исцрта контурите на денешниот стручен штаб на македонската репрезентација уште пред 13 години кога му текна да ја „црта“ владата. И така шегата на Бранче на која тогаш слатко се смеевме, сега стана добра идеја за реализација. Салфетката можеби уште стои некаде зачувана…
А, „премиерот“ и дел од „министрите“ сега веќе го почнуваат првиот мандат на репрезентативната клупа со чест и обврска да ја предводат ракометна Македонија во новите предизвици.
Машката ракометна репрезентација на Македонија од вчера повторно е на собир. Најдобрите македонски ракометари се собираат прв пат по јануарскиот настап на СП во Египет, прв пат под водство на Кирил Лазаров како селектор.
За три дена, Македонија прва по мундијалот, ќе излезе на мегдан со актуелниот светски шампион Данска, во продолжението од квалификациите за ЕП 2022. Без разлика каков ќе биде резултатот, овој дуел со Данска ќе биде запишан во графата – историски. Односот на силите е јасен, се знае колку е силен светскиот шампион и колку може Македонија. Но, искуството дефинитивно ќе биде прво и единствено.
Македонија за прв пат на клупата (или зад неа) како стручен штаб ќе ги има Кирил Лазаров, Филип Миркуловски, Ацо Јоноски и Бранислав Ангеловски – четири големи имиња од златната генерација, а со вклучувањето на Билјана Црвенковска во стручниот штаб, за прв пат ќе имаме и една девојка во машкиот репрезентативен свет.
Зад името на Лазаров за прв пат ќе биде запишан и еден необичен и единствен момент во историјата на македонскиот ракомет, но и во светски рамки – да биде селектор и капитен во исто време.
Ако може некој, тогаш тоа е тој!
А ако на тоа се додаде и новата двојна улога на Филип Миркуловски во националниот тим, како помошник на клупа и помош на терен, Македонија дефинитивно ќе биде една и единствена таква во светот.
2.Модерна Македонија за кратки и за долги цели
Концептот е помалку необичен, но визијата е јасна – модерна Македонија! Дојде време да се отворат тефтерите, да се искористи искуството и сето тоа да се вгради во концептот за македонската репрезентација во иднина. Но, во исто време, да се мисли и на резултатите во сегашноста и на запазување на континуитетот во настапите на големите натпреварувања.
Мобилизирани со сите што може да помогнат во остварување на целта и максимално посветени. Така најави Кире Лазаров како селектор и како капитен на македонската репрезентација без која, признава, не може.
„Јас би бил најсреќен да не морам да играм, но имаме краткорочни и долгорочни цели. За да ги исполниме долгорочните, мора да ги реализираме краткорочните…Подготвен сум на ова“, ќе рече Кире Лазаров влегувајќи во новиот репрезентативен предизвик.
3.„Жути“ се врати…вратете го и „жолтиот“
Враќањето на Филип Миркуловски во националниот тим можеби е отстапување од онаа класична траекторија за подмладување на националниот тим, но во исто време враќањето на „Жути“ е и најдобриот сигнал дека македонската репрезентација може да се издигне само со здружени сили. И како што велеше Драган Ѓукиќ „Македонија е најсилна кога се сите заедно“.
Миркуловски е синоним за борбеност и пожртвуваност, некој што влегува со глава, таму каде што други не се осмелуваат ни со поглед. Идеален пример за новата генерација. И заслужено место за се што давал и што може да даде за Македонија.
„Жути“ се врати, а новата модерна Македонија по фијаското во Египет, сега може да го врати и „жолтиот“ дрес што несмасно поцрне на јануарскиот мундијал.
Македонија е „црвено-жолта“, и по традиција и по Статут.
„Основната боја на опремата на ракометните репрезентации на Македонија е во боја која што соодветствува на комбинацијата на боите и симболите на Република Македонија“, така пишува во член 47 од Статутот на РФМ.
Не е лошо некогаш и тој да се прочита.
4. Пролет(но) чистење
Иако деновиве во преден план се репрезентативните збиднувања, вреди да се фрли поглед и на клупската сцена. Во Европа завршува групната фаза во ЛШ и ЛЕ, дома почна плеј-оф разврската.
И ако по утрото се познава денот, суперлигашкиот плеј-оф ќе биде полн со возбудувања. Во Скопје падна двојно изненадување. Прво Пролет му ја симна фаворитската улога на Металург, а потоа Бутел ја прекина победничката серија на Охрид.
По поразот на Металург, во „Македонско сонце“ изгоре уште еден тренер на „металурзи“, втор од последните три. Оливер Димитриоски по мечот беше разрешен од функцијата и Металург сега ќе бара трета опција за да ја заврши сезоната. Пред Димитриоски на теренот на Пролет, пред една сезона на клупата на Металург “изгоре„ и српскиот тренер Дамир Стојановиќ.
Ако се има предвид и фактот дека во 2017 година „Македонско сонце“ беше фатално и за Андон Бошковски како предводник на Еурофарм Пелистер, а една година подоцна и за Илија Темелковски по изненадувачкиот поразот на битолчани во последното коло од плеј-офот, тогаш Пролет дефинитивно станува „опасен терен“.
Пече, гори „Македонско сонце“!