Еурофарм Пелистер немаше милост за Вардар Неготино – битолчани постигнаа 45 погодоци

Ракометарите на Еурофарм Пелистер во денешниот елиминациски натпревар од Купот на Македонија остварија лесна победа со резултат 45:11 над прволигашот Вардар Неготино.

Избраниците на Жељко Бабиќ имаа лесен тренинг и со комбиниран состав во текот на целиот натпревар и со половина од силите го одржуваа високото водство.

Гостите од Неготино го имаа почетното водство од 0:1 со голот на Кузманов и тоа беше се од нивниот отпор. Главно преку Костески и Маркоски домашните ракометари ја билдаа разликата и до крајот во својата мрежа имаа само 11 погодоци.

Ненад Костески со девет и Елмир Граџан со седум погодоци беа најефикасни во победничкиот состав. Во гостинската екипа од Неготино по три погодоци постигнаа Драган Кузманов и Петре Пеовски.

Овa беше полесен тренинг за екипата на Еурофарм Пелистер пред натпреварот во рамките од СЕХА лигата против Татран Прешов.