Лакрабер си најде нов клуб, носи искуство за атак кон Лига на шампиони

Поранешната ракометарка на Вардар, Александра Лакрабер, од следната сезона ќе настапува за составот на Шамбре, тим кој има високи амбиции во францускиот шампионат.

Репрезентативката на Франција го прифати новиот ракометен проект и Шамбре ќе биде за нејзе 10 клуб во нејзината ракометна кариера.

Лакрабер во 2018 година пристигна во Флери Луар од македонскиот Вардар. Екипата на Флери Луар оваа сезона има лоши резултати во домашното првенство и моментално се наоѓа на 9. позиција, додека Шамбре Турен е на добар пат да обезбеди пласман во најдобрите пет екипи и излез на европска сцена.

Искусната ракометарка за репрезентацијата на Франција има одиграно 252 натпревари и постигнато 832 голови. Најголемиот успех го оствари во 2017 година кога со својата репрезентација го освои златниот медал на Светското првенство во Германија, а една година подоцна и шампионскиот пехар на Европското првенство во Франција.

Дека тимот на Шамбре Турен влага со сериозни амбиции за новата сезона покажува и фактот дека веќе се ангажирани пет ракометарки заедно со Лакрабер. Покрај неа ангажирани се уште две Французинки Ребека Босави и Кимберли Бушар, како и Рике Гранлунд од Норвешка и Ига Лагербом од Данска.