Бабиќ: ГОГ има четири светски прваци, но мора да веруваме дека можеме да победиме

После двете победи против екипата на Татабања ракометарите на Еурофарм Пелистер се подготвуваат да ја продолжат успешната серија, а тоа треба да биде направено против составот на ГОГ од Данска.

На оваа средба е сигурно дека ќе го нема Кушан кој се повреди против екипата од Унгарија и тој ќе биде надвор од терените извесен период.

„Остваривме големи победи и тие се важни за позицијата и можноста да ја минеме групата, што би бил историски успех за клубот и за македонскиот ракомет. Секако дека сум задоволен, а задоволни се и сите во клубот. Имавме и таканаречени нус-појави, тешка повреда на Кушан и повреда на Мандалиниќ. Плативме висока цена, но на тоа не можевме да влијаеме, повредите се составен дел од спортот и можеме само да се надеваме дека ќе се вратат здрави во тимот и ќе придонесат за екипата. Победите над Татабања се за Кушан и искрено му посакувам да заздрави што е можно побрзо“, вели тренерот на Еурофарм Пелистер, Жељко Бабиќ.

Ривалот од Данска има и неколку репрезентативци кои беа дел од последниот Мундијал и освоија златен медал.

„ГОГ Гудме во својот ростер има четири светски прваци и тоа говори за нивната сила како тим. Сакам да нагласам дека нашите играчи кои помалку играат ќе добијат шанса да ми покажат и мене, и себе и на цела Македонија колку вредат. Мора да веруваме дека можеме да го победиме ГОГ Гудме. И во овој состав со кој ќе настапиме мора да веруваме дека можеме да му се спротиставиме на Данците и натпреварот да заврши во наша полза. Основни фактори за успех на утрешниот натпревар се фанатична волја и верба во себе и во тимот. Ако ги имаме тие две работи имаме шанси во позитивен исход. Во спротивно, ако немаме волја, желба и борбеност, јасно е дека нашите шанси се многу помали“.

Со двете победи против Татабања тимот на Еурофарм Пелистер се доближи до пласман во елиминациите, но ќе мора да се одработи добро и против ГОГ за да се потврди овој пласман.

„Направивме големи чекори кон осминафиналето, натпреварот доаѓа во вистински момент и се радувам на него и покрај проблемите во тимот. Мора да бидеме фанатици, на чело со мене и да веруваме во победа“, коментира тренерот Бабиќ пред утрешниот дуел против ГОГ.

Средбата против ГОГ Гудме се игра утре во салата „Боро Чурлевски“ во Битола, а почнува од 20:45 часот.