Симоноски: Знам дека можам уште подобро – ова признание е мотив повеќе

Во онлајн гласањето спроведено од страна на читателите на 24Ракомет од 13 јануари до 31 јануари учествуваа на 32.000 лица кои гласаа за својот избор. Покрај најдобрите 7 играчи беа избрани и најдобар дефанзивец, најдобар млад играч и најдобар тренер во регуларниот дел од сезоната. Ви ги претставуваме победниците во секоја категорија. Почнуваме со Кристијан Симоновски од Голден Арт КЛ7 - единствениот играч што доби над 10.000 гласови.

Младинскиот репрезентативец на Македонија и играч на тимот на Голден Арт КЛ 7, Кристијан Симоноски имаше добра полусезона за својот тим во Супер машката лига. Во првата сезона во суперлигашкото друштво ракометарите прикажаа добра игра и покажаа дека имаат потенцијал за повисоки дострели.

По завршувањето на есенската полусезона, односно регуларниот дел од Суперлигата, читателите на 24Ракомет го избраа идеалниот тим на полусезоната. 24Ракомет, единствениот специјализиран спортски портал посветен на ракометот во соработка со нашите пријатели од „ИЗВОРСКА“ ви овозможи да гласате за најдобрите ракометари во првиот дел од сезоната.

Сосема заслужено Симоноски се најде во друштво на најдобрите пет пивоти во овој дел од сезоната, а од читателите на 24 Ракомет доби убедливо најмногу гласови. Тој е единствениот играч во гласањето што успеа да собере повеќе од 10.000 гласови од вкупно над 32.000 колку што гласаа во нашата анкета.

„Самиот избор ми значи многу бидејки доаѓа од вљубениците во ракометот кои го следат порталот 24Ракомет и би ја искористил оваа можност да им се заблагодарам на сите кои гласаа за мене и секако на 24 Ракомет како организатор на овој избор“, изјави за 24 Ракомет, Кристијан Симоноски.

Според него добивањето на големиот број на гласови од вљубениците во ракометот ќе му биде голем поттик за понатаму и верува дека ќе биде уште подобар.

„Секој спортист се обидува на терен да го даде најдоброто, а кога признанието доаѓа до страна на читателите и вљубениците во ракометот ова ми дава поттик да бидам уште подобар бидејки она што досега сум го покажал на терен го привлекува нивното внимание“.

За него играта на неговиот тим во есенскиот дел од сезоната може да добие задоволителна оценка, а верува дека ќе имаат што да покажат и во пролетната полусезона и дека ќе можат да изборат опстанок. Иако ГА КЛ 7 беше на чекор до пласман во разигрувањето за титулата, сепак ќе игра за опстанок и секако е меѓу кандидатите кои треба да играат и в година во најелитното натпреварување.

„Деби настапот во Супер лигата на мојата екипа РК Голден арт КЛ7 го оценувам како задоволителен. Доколку ги земеме во предвид прекините во тренажниот и натпреварувачкиот дел од првенството поради коронавирусот, кои ни наметнаа многу згуснат распоред на натпреварите, морам да напоменам дека ние први ги одигравме сите натпревари и повредите кои се надоврзаа нè оневозможија да обезбедиме учество во плеј-офот. Се надевам дека во пролетниот дел од првенството ќе обезбедиме опстанок во Супер лигата“.

Во однос на неговата форма е задоволен исто како и од напредувањето. Сепак, самиот е убеден дека може уште подобро од она што беше видено во првиот дел од сезоната.

„Лично јас сум задоволен од мојот напредок и мојата форма и мислам дека тоа го покажав на натпреварите во Супер лигата, но исто така знам дека можам и морам да прикажам уште повеќе. Во пролетниот дел се надевам на подобра игра на мојата екипа. Мислам дека најважни ќе бидат почетните натпревари и доколку успееме да влеземе во победнички ритам  очекувам опстанок во Супер лигата“.

Инаку, засега не би сакал да прогнозира кои би биле тимовите со кои би влегле во главна трка за опстанок бидејќи може многу работи да се сменат до крајот на февруари.

„Не би сакал да издвојам посебно некоја екипа, преодниот рок сè уште трае и не знаеме точно како ќе изгледаат екипите на почетокот на плеј-аутот“.

Тој постигна 45 гола за КЛ 7 со кои беше меѓу поефикасните па од него и во пролетниот дел ќе се очекуваат голови. По потреба може да се снајде и на бековските позиции, но првата позиција му е пивотменската.