Екипата на Металург која немаше можност да биде комплетна на гостувањето кај Чеховски медведи се враќа со висок пораз од 27:40.
Ова беше натпревар за кој беше јасно дека ќе биде тежок уште пред патувањето. Кој ќе победи беше познато многу рано во средбата бидејќи Металург успеа да парира само во првите неколку минути. Чеховски поведоа од старт, но металурите израмнија на 1:1. Брзо потоа дојдоа до второто израмнување на 3:3, а тоа се случи во 7. минута.
Само четири минути подоцна резултатот беше 6:3 во корист на домашните и тука почна да станува јасно дека тешко ќе може да се следи ритамот на составот од Русија така што полека почна да се губи ритамот и чекорот со противникот.
Откако во 11. минута беше постигнат четвртиот гол следуваа минути со лоша реализација, за пет минути беа примени пет гола и веќе во 16.минута беше 4:11 така што стана јасно дека ова ќе биде тешка средба.
Фактот дека во состав има само 11 играчи беше надополнет и со послаба ангажираност. Како да немаше доволно свежина во играта и тоа резултираше само со зголемување на негативата, кој до полувреме стигна до 11 гола за на одмор да биде 11:22.
Овие 11 погодоци на полувреме во вториот дел лесно станаа и 15. Немаше сили да се следи темпото, а домашните и покрај тоа што не форсираа лесно доаѓаа до погодоци и го полнеа голот на Металург.
Како се доближуваше средбата до крај така се поставуваше само прашањето кој ќе биде конечниот резултат на овој дуел и дали составот на Чеховски медведи ќе ја надмине границата од 40 гола. На крајот домашните застанаа на точно 40, додека Металург имаше 27 погодоци.