Денеска, рано наутро, Металург отпатува за Русија, каде утре го очекува натпреварот од шестото коло на групната фаза на Лига Европа со рускиот шампион Чеховски Медведи.
Со автобус до Софија, а оттаму со прелет преку Истанбул, тимот од Автокоманда, вечерва ќе пристигне во Москва, од каде што ќе се упати кон крајната дестинација.
Средбата ќе се одигра во Чехов, град оддалечен 75 километри од Москва, во спортската арена „Олимпијски“. Металург ќе биде ослабен на ова гостување и отпатува со само 11 ракометари, кои ќе се обидат да му се спротистават на рускиот шампион.
Дел од ракометарите се позитивни на коронавирус, еден е повреден, па тренерот Оливер Димитриоски ќе може да смета само на 11 играчи за дуелот со „мечките“.
„Со утрешното гостување кај Чеховски медведи за нас почнува пеколниот февруари во кој за 18 дена ќе треба да одиграме шест меча во Лигата на Европа. За Москва одиме без притисок, ќе дадеме сѐ од себе да одиграме најдобро што можеме и да се претставиме во најдобро светло“, изјави капитенот на Металург, Даниел Дупјачанец.
Средбата ќе почне во 18:00 часот в сабота.