Екипата на Вардар имаше добар натпревар на гостувањето во Португалија, па после неколку неискористени шанси во клучните моменти се враќаат од првото гостување во 2021 година без бодови и со пораз од 24:27.
Натпреварот имаше интересен тек уште од самиот почеток. Вардар отвори со 2:0, а после седум минути стигна до плус четири и водеше со 5:1. Овие четири гола донесоа убаво продолжение на средбата во кое се играше на високо ниво и тука веќе беше дадена најава дека може да се одработи добар натпревар.
Сепак, следуваа осум минути во кои се играше тешко во нападот и повеќе деконцентрирано што резултираше со израмнување на 5:5. Вардар остана во предност и после израмнувањето и дојде до 8:5, но потоа тимот на Порто засили и дојде до пресврт.
Првото водство на Порто беше при 11:10, а во 26. минута стигна и до плус два, 12:10 што беше најава дека домашните можат да имаат предност на одмор од средбата. Меѓутоа, во завршницата вардарци одново се покажаа во добро светло и стигнаа до нерешени 13:13 откако Вујин погоди во празниот гол со шут од средината на теренот.
Вториот дел беше отворен лошо. Тимот на Порто отвори со 4:0 и тоа за пет минути. Се чинеше дека овие четири гола ќе бидат најава за сигурни бодови на Португалците, а уште посилно беше во моментот кога во 38. минута беше 19:14. Плус пет беше и четири минути подоцна при 21:16, тука тренерот на Порто, Магнус Андерсон ги честеше вардарци бидејќи почна упорно да игра 7 на 6.
За ракометарите на Порто се смета дека најдобро во моментов играат во напад со 7 на 6, но „црвено-црните“ потсетија дека во минатите неколку години играа одлична одбрана и тоа го потврди особено Дибиров кој пресече неколку топки. Добро бранеше и Ристовски, па тие беа креатори на враќањето во игра. Вардар стигна до 20:21 на 12 минути до крајот и тука се влезе во неизвесна завршница.
Не се искористија неколку шанси за нерешен резултат, па Порто беше постојано на плус два, а Вардар мораше да се труди да израмни.
Немаше ништо ново ниту во последните минути. Нови грешки после кои не можеше да се очекува нешто повеќе, па Вардар после двете победи во СЕХА претрпе пораз во Лигата на шампионите.