Црно издание на „црвено-жолтите“ на стартот од египетскиот мундијал
1.Да не се повтори…
„Вакво првенство да не се повтори“, рече Лино Червар откако Хрватска се измачи за бод со Јапонците, а потоа и за два со Ангола на стартот од 27.Светско првенство во Египет.
А, што да кажеме тек ние на стартот од пустинската сага?! Со -12 од Шведска и со како К-19 страшна 19-ка во минус од Египет! Со два порази, психички блокирани, физички неподготвени, на терен изгубени и непрепознатливи. И во играта и во оние нови „црно-црвени“ дресови за кои некој поп во 2008 рекол „може“ (така објасни директорот, не е од мене…), а јавноста вели „чудно е…“ токму сега да се сменат боите и жолтата да стане црна.
На почеток сите се шокираа од „вардарските“ дресови во националниот тим, а потоа некако многу брзо бојата стана небитна, па дури и традиционална?! Впрочем, до некаде и во право, играта го засени дресот. А, играта на македонската репрезентација во првите два натпревари во Каиро беше полоша и од црните дресови!
Враќање во минатото, 22 години назад. Па и тогаш како дебитанти најмногу паднавме на -14 со Куба. Сега повторно сме на некој нов почеток. Со некоја нова генерација, со некои нови планови, неизвесни проекции, некои несмасни промени и лоши проценки.
2.Седум како седумдесет и седум
А, што се не се исподеси за седум дена! Од „СВОЗ подготовки“ и ливчиња бели ради – ќе не викнат, нема да не викнат… броење ковид позитивни од Шведска до Капе Верде, навивање Роберт Хедин со Американците да не оди во Египет, „дежурање“ на страниците на чешките портали и на чешката федерација со редовно ажурирање на податоците за тоа колку им е температурата на Филип и на Кубеш, до проверка по аеродроми ќе летнат или нема да летнат за Каиро. И на крај стигна вестта – Чешка се откажува, Македонија се пакува. Од понеделник до среда општа еуфорија – радост, честитки, „нели ти реков…“, „јас знаев…“, „сега ќе не видат кои сме ние…“. Па анализи Шведска е преполовена, Египет ќе го решиме, за Чиле ич не правиме муабет…
И во четврток враќање во реалноста. Шведска преполовена, ама ние здрвени како египетски мумии. Ни напад, ни одбрана. Ни игра, ни решение.
Во саботата уште полошо. Немоќ против домаќинот да ти е жал да ги гледаш како се мачат и чекаат да заврши. Ни срце на терен, ни топка во рака. Сакаат, ама нешто не оди…
И така она „ништо не смее да не изненади“ и „подготвени сме утре да не викнат на СП“, за неколку дена стана „што сум дигал рака“!
3.Поглед во минатото, никогаш не било мазно
Јавноста е немилосрдна кога ќе тргнат поразите. Некогаш удира и премногу сурово и безмилосно по своите миленици. Речиси исто колку што е еуфорична во победите. Без да помисли дека тие удари некогаш уште повеќе им ги врзуваат рацете на тие што треба да играат, да бранат, да погодуваат и да победуваат. Не треба да биде така, тие се професионалци, тие се избраните, најдобрите…Да, ама и тие се живи луѓе. Деновиве да не си им во кожата…
Впрочем, во изминативе десетина години, да ви кажам право, и не паметам да поминало некое првенство, а да нема по некоја бура во „црвено-жолтиот“ табор. Или „црно-црвениот“ сега…Никако да се навикнам, се измешав.
Ајде вака по ред да фрлиме еден поглед назад.
Најблиску до совршено можеби беше само во Србија 2012. Кој знае, можеби заради целата таа македонска еуфорија, од Ниш и од Белград во сеќавање останале само убавите работи.
А, како одеа тие потоа…
-На пат за СП 2013, наместо во Шпанија, репрезентативците ги истоварија во Италија, едвај некако стигнаа до Севилја, го протуркаа првенството по кое селекторот Звонко Шундовски дигна раце и поднесе оставка.
– На ЕП 2014 во Данска пасошите ја кренаа тензијата, имаше кавги и пресови, казни и закани… се потсмири бурата и стигнаа до втор круг, настапот го завршија со -11 од Шпанија.
– На СП 2015 во Катар, тргнаа како „издувани балони“, со пола репрезентација на тренинзи на кеј по кризата во Металург, но некако се подредија работите и стартуваа бајковито со три безмалку беспрекорни дуели во серија. И одеднаш, во најважниот меч, загубија од Словенија и наместо да играат за четвртфинале, ги пакуваа куферите и најбрзо од сите го завршија настапот во Доха.
-На ЕП 2016 во Краков повторно тргнавме мачно, два порази и она среќно реми со Србија за враќање во живот, а потоа во вториот круг пак потоп, тежок пораз од Хрватска со многу необични нули, реми со Норвешка оти тој меч ни требаше за олимписки квалификации и потоа несфатлив пораз и големо разочарување со Белорусија која тогаш немаше ни комплетен тим.
-Олимписките квалификации во Гдањск и поразот од Тунис и ден денеска на сите ми се ноќна мора, за нив не се зборува!
-На СП 2017 во Франција, Червар експериментираше и се реваншираше, Борко „психички испразнет“ од Скопје гледаше како со процентот на одбрани ја стигаме Ангола, го проколнувавме сменетиот систем на рангирање и во Албервил, Норвешка нè смрзна на -10.
-За ЕП 2018 во Хрватска, пак го сменивме селекторот и орни тргнавме во нови победи со „ел команданте“. Во Загреб тргна добро, ама кај нас многу арно не е на арно…Во вториот круг сонот стана ноќна мора, а пола Македонија веќе тргна за Вараждин…
-На СП 2019 во Германија некако уште од почетокот како да се гледаше крајот. Две победи со неевропски и три порази од европските, најкатастрофален повторно оној шпанскиот, ја остави Македонија без втор круг и тоа беше збогум со Раул Гонзалес.
-На ЕП 2020 во Виена тргнавме на домашен погон, во погодена група (их, ќе ги поминеме како од шега…), за на крај да останавме само со една минимална победа против Украина и по втор пат по ред, без пласман во втора фаза, со уште едно 15.место кое потоа не стави во позиција „прва резерва“ за СП 2021.
-Јануари 2021 – лошиот ковид, на Македонија и донесе една добра работа – пласман на СП во Египет како прва резерва, можност да го запазиме континуитетот, а капитенот Кире Лазаров да ја заокружи мундијалската кариера таму каде што ја почна пред 22 години со уште едно вонсериско достигнување – голови на СП во четири децени…
Тоа се оние убави работи поврзани со ова СП во Египет.
Оние другите, дали биле исправни одлуките, списоците, подготовките, поставите, играта и тактиката…дали некој го заслужува националниот дрес или не, дали имаме светла или темна ракометна иднина, кој требало да шутне и да влезе, а кој да седне, нека остане за понатаму.
Сега е Чиле на дневен ред. Може денес да ни се осветли малку мундијалот, па не за џабе ги вежбавме толку Чилеанците во Скопје!
****
НАЈНОВА ВЕСТ: Од Битола бараат во македонската репрезентација под итно да набават и зелен сет дресови оти вака им изгледало како за Вардар да навиваат. Го прашале попот, рекол – може! И зелена… и сина ако сакате.
Шиц да си го праша попот како да ги фарба брковите…