ЕХФ ќе обезбеди дополнителни денови за одмор на репрезентациите кои ќе учествуваат во последната фаза на Европското првенство 2022 година. Домаќини ќе бидат две држави, Унгарија и Словачка. Првенството ќе се одржи од 13 јануари и својот крај ќе го има на 30 јануари 2022. За 15 денови вкупно ќе се одиграат 65 натпревари.
Првата пауза ќе биде за репрезентациите кои ќе се пласираат во главната рунда. Има и ден за одмор пред полуфиналните борби. Најсилните репрезентации ќе добијат слободен ден пред натпреварите за медали односно полуфинале и финале.
„Новиот распоред гарантира дека репрезентациите ќе добијат право време за одмор, закрепнување и патување до салите. Распоредот е оптимизиран за доброто на играчите, но исто така имајќи ги во предвид ТВ и маркетинг аспектите. Чувствуваме дека успеавме да ги исполниме овие барања, што ќе бидат од корист во смисла на обезбедување на организација на едно успешно првенство за сите заинтересирани страни“, вели ген. секретар на ЕХФ, Маркус Хауслајтер.
Продажбата на билетите за Европското првенство 2022 веќе започна, но само за првиот ден на континенталниот собир. Билетите чинат од 1.400 денари до 3.500 денари за најскапите места во новата арена во „Будимпешта“.
Унгарија ќе игра во Будимпешта, додека вториот домаќин, Словачка во Кошице. Македонија се наоѓа пред пласман, бидејќи има две победи над Финска и Швајцарија, а во март ќе игра со Данска.