На квалификацискиот дуел од групата 4 за пласман на Европското првенство во 2022 година во Словачка и Унгарија селекцијата на Португалија дојде до победа од 26:24 против Исланд. Гостите беа без својот најдобар ракометар Арон Палмарсон, но поразот не се прифаќа лесно.
Сеекторот на Исланд, Гудмундур Гудмундсон е незадоволен од арбитражата на Германците Фабијан Баумгарт и Саша Вилд.
Покрај неколкуте замерки, најголемата е од почетокот на натпреварот. После неполни пет минути игра имаше старт во пределот на лицето над десниот бек на Исланд, Александер Петерсон. Фаулираше Жоао Мигел Фераз и тоа е главниот момент за кој сега Исланѓаните коментираат јавно.
Скандалозната одлука според нив е таа дека тука морало да има санкција односно директен црвен картон.
„Ова е вистински скандал. Тоа беше директен контакт и удар во лицето. Тука не можеше да има никаква друга казна освен директен црвен картон. Поради тој старт Петерсон мораше да остане на клупа до крајот на средбата. Не се чувствуваше добро и не знаеме дали ќе може да сметаме на него на дуелот на наш терен“, вели селекторот Гудмундсон.
Стартот кој беше направен од Фераз можете да го погледнете во видеото во продолжение и да пресудите дали имаше намера и дали постои причина за црвен картон (судиите му доделија само 2 минути).
Дуелот од 4. коло селекциите на Исланд и Португалија ќе го одиграат в недела во Рејкјавик.