Репрезентацијата на Австрија откако доби можност да игра на Светското првенство во Египет веќе размислува и за следните години, а селекторот Алеш Пајович доби можност да биде на клупата на оваа репрезентација и во следните години.
Пајовиќ доби нов договор пред заминувањето за Египет и тој ќе биде на клупата до јуни во 2023 година.
Стратегот кој има 42 години се покажа како добар избор на минатогодишното Европско првенство кога Австрија забележа добар резултат. Таа беше во група со Македонија и беше подобра од нашите репрезентативци.
Тој седна на клупата во 2019 година и успеа да покаже дека може добро да ја води репрезентацијата што се виде и со 8. место на ланскиот шампионат.
„Задоволен сум од добиената доверба од страна на Ракометната федерација на Австрија. Среќен сум што ќе можам да работам со овие момчиња. Имаме навистина одлични ракометари со многу потенцијал. Нашата цел е да направиме нов чекор напред и да продолжиме со развивањето на тимот“, изјави Пајович.
На Мундијалот селекцијата на Австрија се наоѓа во тешка група. Ќе игра во Групата Е против селекциите на Норвешка, Франција и САД.