Коронавирусот почна да ги задава првите проблеми на репрезентациите кои се подготвуваат за Светското првенство во Египет, а први кои пријавија заразени ракометари се Словенците.
Селекторот на Словенија, Љубомир Врањеш се соочува со проблем бидејќи не може да смета на комплетниот тим, како и на член на стручниот штаб бидејќи има тројца позитивни.
Урош Зорман, кој е помошник на Врањеш има Ковид 19 уште од пред некој ден. Тој е позитивен и е во карантин, а на репрезентацијата ќе може да и се приклучи само откако ќе добие негативен тест.
Позитивен пред овој собир е и Тилен Кодрин, за кого важи истото како и за Зорман.
Што се однесува до голманот Урх Кастелиц, тој беше единствениот позитивен на стартот на подготовките. Што го доби позитивниот наод мораше да го напушти хотелот каде што ракометарите се сместени така што тој е веќе под прашалник за настап на Светското првенство.
Нови тестови треба да бидат направени в понеделник, па останува можност некој од позитивните да може потоа да се приклучи на работа на националниот тим на Словенија.