Норвешка и стави СТОП на Хрватска, па се чекираше за полуфинале

После четири победи во серија и одлично прво полувреме, ракометарките на Хрватска денеска беа запрени од Норвешка и го претрпеа првиот пораз на Европското првенство со 25:36.

Хрватките имаа добро издание во првото полувреме иако и во овој период од средбата играа топло-ладно. Иако од почеток се виде дека Норвежанките се расположени за игра, сепак, имаше противигра и Хратска се одржуваше во игра за позитивен резултат.

Темпото на игра носеше можност за позитивен епилог на овој дуел, а разликата постојано беше 2-3 гола. Се играше ефикасно и главно вниманието беше посветено на нападот каде што имаше добра игра и на едната и на другата страна.

Таквиот ритам допринесе за голем број на голови во првото полувреме, па до 22. минута рзултатот беше 12:14. Тука се влезе во еден полош период во поглед на ефикасноста, па имаше шест минути во кои немаше голови.

Со ваквата игра се дојде до рзултат од 14:15 на крајот од полувремето, што беше најава за интересна средба.

Сепак, сето она што беше добро во првите 30 минути како да го снема во вториот дел од натпреварот. Наеднаш се сруши цела игра на Хрватките, па Норвешка почна да доминира. Главното се случи од 41. до 51. минута кога репрезентативките на Хрватска не можеа никако да дојдат до погодок. Од 19:23 набрзина се стигна до 19:30 и веќе немаше враќање.

Норвешка дојде до победа од 36:25, а со тоа си го визираше местото во полуфиналето и може мирно да го чека дуелот против Унгарија во вторник. За разлика од Норвежанките, на Хрватките ќе им треба победа во вторник против Германија за пласман во полуфиналето.

Денеска најефикасна ракометарка во редовите на Норвешка беше Рајстад до седум гола, додека Офтедал го заврши натпреарот со вкупно шест погодоци. Во Хрватска прв стрелец беше Мицијевиќ со шест гола.