Полска и Чешка се првите две репрезентации кои го напуштаат Европското првенство откако денеска не успеаја да освојат доволно бодови за да продолжат со игрите. Полска ремизираше со Германија со 21:21, додека Чешка загуби против Шпанија со 24:27.
Селекцијата на Шпанија се провлече и обезбеди пласман во следната фаза откако со пресврт успеа да ја совлада Чешка со 27:24 во одлучувачкиот натпревар по поразот и ремито во првите два натпревари против Русија и Шведска.
После израмнетиот почеток, Чешка прва поведе со повисока разлика, 9:5, а потоа и 16:10. Репрезентативките на Чешка има одлично прво полувреме, доминираа против фаворизираната Шпанија и на одмор замина со предност од 16:11.
Долго и во второто полувреме ја одржуваа предноста, но имаа еден кризен период од 40. до 50. минута кога не постигнаа гол што Шпанија знаеше да го искористи. Кризата во играта на Чешка продолжи до крајот на мечот на кој во последните 20. минути постигнаа само два гола и на крај загубија.
Кармен Мартин беше најефикасна во составот на Шпанија со 12 погодоци од кои девет од седум метри и беше играч на натпреварот. Нереа Пена беше втор стрелец со четири гола. Во репрезентацијата на Чешка најмногу се истакна Јеребкова со осум гола.
Германија и Полска одиграа многу неизвесен натпревар од почеток до крај и големата борба заврши без победник 21:21 што им одеше во прилог на Германките. Полска започна силно, поведе 3:0 и 6:2 и го одржуваше водството до завршницата на првиот дел. Во последните пет минути Германија го сврте резултатот и на одмор замина со предност од 9:8.
Во вториот дел натпреварот продолжи во ист ритам, постојано израмнето или со гол позитива на едната или другата страна. Ксенија Смит погоди за 20:18 за Германија во 55. минута, но во последните две минути Полска успеа да израмни, а тоа не беше доволно за пласман понатаму бидејќи неопходна им беше победа на овој дуел.
Најефикасна ракометарка во составот на Германија беше Марлен Запф со четири гола, додека по три постигнаа Јулија Маидхоф, Луиза Шулц и Анин Гријселс. Во составот на Полска Александра Росиак беше прв стрелец со четири гола, а Гега, Носек и Кочанијак постигнаа по три.