Еден играч и еден член на стручниот штаб се нови на долгата листа заразени!
Македонскиот шампион Вардар никако да ги преброди проблемите со коронавирусот, а новите тестирања дадоа и двајца нови позитивни. Еден играч и еден член на стручниот штаб се нови на долгата листа заразени од ковид-19.
Нив ги чека дополнителна 10-дневна изолација, додека останатите момци кои претходно имаа позитивни тестови полека се враќаат во нормала. Оние од првата „тура“ инфицирани денеска завршуваат со карантинот, за утре изутрина им е закажано ново тестирање и доколку се биде во ред уште попладнето треба да се појават на тренинг.
Во четврток завршува изолацијата и на останатиот дел од екипата, ден подоцна и тие ќе подлежат на ново тестирање, па со мали исклучоци вардарци веќе следната недела треба да се комплетираат.
Дел од ракометарите минале добро и без посериозни симптоми, но има и такви кои имале висока телесна температура и биле комплетно исцрпени, па поради тоа ќе се внимава на начинот на кој тие ќе се враќаат во форма.
Поради пандемијата „црвено-црните“ полусезонава успеаја да одиграат само пет натпревари во групната фаза од Лигата на шампионите.