Поминаа точно 46 дена од последната европска победа на македонските клубови!
1.Малку победи, многу порази
Публика во сала нема, ама во коронарната реалност, некако секнува и радоста од победите на нашите во Европа. Оти, победи – нема!
Ви текнува ли кога беше последната победа на македонските претставници во европските ракометни купови сезонава? Календарот вели 15 октомври кога Вардар во Скопје го реши Фленсбург. Поминало месец и половина или ако сакате попрецизно точно 46 дена без клупска победа во ракометна Европа.
Во ред, имаше периодов и коронарни одложувања, ама имаше и еден куп порази во тоа што се одигра.
Поразителен е фактот што во билансот од настапите на четирите македонски екипи во европските купови во машка конкуренција, во оваа сезона досега, поразите се двојно повеќе од победите. Победи се само четири, порази се десет и плус две нерешени. И од тие четири три се од поодамнешни квалификациски натпревари, две што го квалификуваа Металург во групната фаза од Лигата на Европа и една пирова на Бутел во елиминацијата на старт.
Од оние со малку поголема „специфична тежина“ останува само вардаровата победа против Фленсбург во Лигата на шампионите. Онаа последната од 15 октомври.
Не дека и порано немало и победи и порази, ама сега некако многу се собраа. Кој како излезе во Европа со бод не се врати!
2. Тешко во Манхајм, тешко во Келце…
Посебно тешко паднаа последните две гостувања на македонски претставници во Европа и демонстрацијата на немоќ и во ЛШ и во ЛЕ.
Прво Еурофарм Пелистер, сè уште уморен од неиграње, беше лесен плен за „лавовите“ во Манхајм. Рејтингот и искуството секако, беа на страна на германскиот бундеслигаш со долгогодишен европски стаж. Но, инфериорноста на битолскиот тим дефинитивно беше тешко подносителна. По проектилот на Анди Шмид „од пола терен“ за 7-4, битолчани не успеаја да се соземат, ниту пак да врзат игра ни во одбрана ни во напад. Дури ни кога Мартин Швалб на терен го извади третиот ешалон на „лавовите“.
Нешто слично преживеа и Вардар на гостувањето во Полска. На Келце му требаа пет години за да го победи Вардар во Скопје, а потоа Талант Душебаев за шест дена два пати го реши европскиот шампион. И тоа убедливо.
Овој Вардар 1961 не е ист со оној Вардар што креваше пехари во Келн, тоа им е јасно на сите. Јасно е и што се протече низ Вардар во последнава година, но се појасно од натпревар во натпревар станува и дека старото и новото тешко се спојуваат. Како што се редат грешките, се редат и недолични потези за европски шампиони, па камерата тука-таму фаќа одмавнувања, иронии, па дури и пцовки. На Вардар не му доликува да тоне на терен, без голови, без одбрана и одбрани. Но, на „мајсторите“ не им доликува ни такво непримерно поведение, колку и да е лош резултатот на семафорот…И колку и да е различно си-ви-то на едни и на други во тимот.
Можеби друг „мајстор“ треба да дојде за да ги среди. Кој знае…
3. Домашна сатисфакција
За разлика од Вардар и од Еурофарм Пелистер кои сезонава без СЕХА останаа само со европските настапи и на секој откажан меч остануваат со денови и седмици „на суво“, Металург е во другата, комбинирана опција и во случајов подобра опција малку надвор во Лигата на Европа, малку дома во Супер лигата.
По поразителното гостување во Шпанија, на „металурзи“ рехабилитирачки им дојде доминацијата на домашната Суперлигашка сцена. И во принудниот коронарен прекин на настапите во ЛЕ и откажаниот дуел со Фиверс, Металург останува во ритам со два суперлигашки дуели и две победи во три дена за зацврстување на лидерската позиција во Б групата од Супер лигата.
Во групата А пак главниот збор сезонава го има Охрид со беспрекорни осум од осум. Се разгорува борбата и во „долниот дом“ за место во плеј-офот и опстанок во суперлигашкото друштво. Со победите растат и амбициите, па се менуваати и мислењата за широката верзија на Супер лигата.
Ќе биде интересно!
4. Нова 15-ка
Падна уште една 15-ка неделава. Без многу мислење може да се погоди дека повторно е на женски терен. Ракометарките на ЖРК Пелистер во осмиот обид конечно стигнаа до првиот суерлигашки бод сезонава одигрувајќи нерешено (31-31) со ЖРК Ѓорче Петров на домашен терен.
Безмалку половина од головите за битолскиот тим ги постигна Анастасија Белевска. Таа го заврши мечот со 15 погодоци и повторно е во одбраното голгетерско друштво. Претходно беа 11 против Чаир, а пред тоа 17-ка во мрежата на Кузман Вардар. Дури и кога нема победи, барем има еден куп голови!
Серијата продолжува…