Екипата на Еурофарм Пелистер утре од 18:45 часот го игра натпреварот од 3. коло од Групата Д во Лигата на Европа против тимот на Кадетен Шафхаузен.
На нешто помалку од 24 часа до средбата клубот доби позитивни вести дека сите ракометари и членови на стручниот штаб се негативни на Ковид 19 и ќе можат да се најдат во комбинација за утрешната средба.
Оттаму на тренерот Жељко Бабиќ е да ја донесе одлуката кои ракометари ќе се најдат на теренот, а тој веќе го има составот со кој утре ќе се соочат против Кадетен Шафхаузен.
Одлуката е на терен да има само едно лево крило. Бојан Маџовски останува без поддршката на Гоце Ојлески кој ќе биде заменет од страна на пивотот Елмир Граџан. Ова значи дека во однос на дуелот со ГОГ Гудме на теренот ќе има едно лево крило, но три пивоти.
Ова е шанса за Еурофарм Пелистер утре да дојде до првиот триумф. Добро е познато дека првиот дуел со Татабања беше одложен, а натпреварот против ГОГ Гудме беше загубен со минимални 29:30.