Во рамки на женската Лига на шампиони се одиграа три натпревари кои беа многу интересни. Особено беше интересно на мечот помеѓу ЧСМ Букурешт и Крим кој на крајот заврши без победник. Не беше помалку неизвесно и на другите два натпревари меѓу Подравка и Брест и дуелот Будуќност и Влчеа на кои, сепак, фаворитите стигнаа до бодовите.
Ракометарките на Крим имаа добро издание на гостувањето кај ЧСМ Букурешт и во завршницата имаа шанса за изненадувачка победа но сепак освоија само бод. Натпреварот заврши 22:22, а на полувремето беше 12:11 за ЧСМ Букурешт.
Црногорскиот шампион Будуќност освои тешки бодови на дуелот против Влчеа на домашен терен откако славеше минимално со 29:28. Првиот дел Црногорките имаа контрола на резултатот, најчесто беше четири позитива, но на полувреме имаа само гол предност, 15:14. Во вториот дел Влчеа успеа да поведе, сепак, во завршницата Будуќност со подобра игра обезбеди триумф.
Хрватската Подравка немаше сили да направи изненадување против Брест и беше поразена со 29:33. Во првиот дел беше неизвесно и израмнето, а во финишот гостинките обезбедија предност од 14:16. Французинките лесно го контролираа резултатот во вториот дел и стигнаа до нова победа.