Македонија пристигна во Швајцарија, ама Манасков остана дома!

Со голем проблем се соочува машката репрезентација на Македонија, откако за дуелот против Швајцарија остана без еден од носителите на играта – левото крило Дејан Манасков.

Според информациите на 24Ракомет, ракометарот на Веспрем не отпатува со националниот тим за Цирих со чартер летот утринава поради технички причини, односно неможноста во Швајцарија да биде навреме направен тест на коронавирус, со кој би можел да се врати во Унгарија в недела.

Унгарските власти имаат строги протоколи, па доколку не приложи негативен тест на влез, ќе мора да биде во карантин.

Затоа Манасков остана во Скопје и во македонската престолнина ќе прави тест на Ковид-19, пред да се врати утре во Веспрем. Селекторот Данило Брестовац на располагање го има само Бојан Маџовски на таа позиција и нема да може да комбинира многу на дуелот во Шафхаузен.

Претходно од списокот отпаднаа Марио Танкоски, Мартин Поповски и Мартин Велковски поради позитивните тестови на Ковид-19, а за дуелот со Швајцарија Брестовац нема да смета ниту на Марко Кизиќ. На местото на Манасков, во ростерот ќе биде дефанзивецот Милорад Кукоски.

Натпреварот меѓу Швајцарија и Македонија се игра утре во Шафхаузен со почеток во 18:30 часот.