„Поминаа веќе три недели од мојот прв позитивен тест, но за жал се уште не можам да излезам негативен“ - потврди за 24ракомет, Мартин Поповски.
Интернационалецот Мартин Поповски е еден од тројцата репрезентативци за кои Ракометната федерација на Македонија потврди дека принудно, поради позитивен тест на коронавирусот, ќе мора да ја пропушти ЕХФ неделата и евро-квалификациските дуели со Финска и Швајцарија.
Десното крило кое настапува за швајцарска Амичитија до минатата седмица беше во изолација, откако и тој, но и уште десетмина негови соиграчи беа инфицирани со ковид-19. По карантинот одиграа и два натпревари, еден првенствен и еден од Купот на Швајцарија.
Сега одново неговиот тест е позитивен, иако вели дека нема никакви симптоми и дека се чувствува добро, само жали што нема да може да им помогне на репрезентативните колеги.
„Жалам што нема да можам да им помогнам на соиграчите во претстојните, за нас, многу важни квалификациски натпревари. Јас сум добро, без никакви симптоми. Поминаа веќе три недели од мојот прв позитивен тест, но за жал се уште не можам да излезам негативен. Им посакувам многу здравје и среќа на момците и се надевам на победи“, изјави за 24ракомет Мартин Поповски.