Тактичко-коронарни промени во македонската репрезентација пред новиот циклус
1. Брза реакција со план „Б“
Репрезентативниот ракомет, конечно, повторно се враќа на сцена. Стартуваат квалификациите за ЕП 2022, поради пандемијата, во нови вонредни околности кога сè е отворено до последен момент. Македонија за два дена ја пречекува Финска, а потоа на 7 ноември и гостува на Швајцарија на стартот од новиот квалификациски циклус, со еден куп предизвици во најава. И глобални и репрезентативни, па и лични ако сакате.
Што има ново во машката ракометна репрезентација на Македонија, во новите услови на стартот од новиот квалификациски циклус за пласман на ЕП 2022?
Борко го нема, ама Раде се враќа… Два битни лика за македонската репрезентација кои на свој начин оставиле свој белег, а јавноста никогаш не ја оставиле рамнодушна. Овој пат повторно се во фокусот од различни позиции. Борко Ристовски ќе го нема на голот, а Раде Стојановиќ по подолго време повторно се враќа во нашата најсилна репрезентација, сега во тренерска улога како помошник на селекторот Брестовац. Некогаш прославениот бек зад себе има играчки репрезентативен бекграунд, а во последниве години се докажа и тренерски како предводник на РК Охрид и како селектор во младинските категории.
Транзицијата донесе промени во составот, коронарната реалност пак непланирано го смени и стручниот штаб во кој покрај Стојановиќ кој влезе како замена за Никола Матлиески, се враќа и Ице Соколески како тренер на голманите на местото на отсутниот Александар Царчев.
Брза реакција со подготвен „план Б“. Позитивно во целата негативност.
2. Меч со две острици
Со деценија наназад навикнати на познатите ликови, сепак, како главна новост одекна одлуката на селекторот Данило Брестовац на стартот од овој циклус да отпише уште тројца стандардни репрезентативци од старата гарда. По новиот бран од процесот „смена на генерација“, ќе го нема Борко на голот, ќе го нема ни „Џомба“ на крило, а ни Велко во одбрана. Според дополнителното образложение на списокот, тие не се дефинитивно „пензионирани“ од националниот состав, туку само се ставени во „резерва“, и може пак да се вратат ако случајно загусти со короната. Или со младината ако не дај боже, се сплетка во предизвикот да има примарна улога, а со тоа и примарна одговорност во националниот тим.
Од поискусните, останува Митревски во добра форма да ја преземе лидерската позиција на голот и да ја предводи голманската тројка во комбинација со помладите Томовски и Кизиќ. Останува и искуството на Стоилов на линијата и на Манасков лево.
А, тука сè уште е и капитенот Кирил Лазаров. Како дадилка во својата 40-ка, да спасува ако затреба и да ја носи на грб младината. Меч со две острици, што би рекле. Од една страна сигурност, од друга опасност никој да не застане на нозе додека сите се потпираат на капитенот.
И уште еден предизвик плус за селекторот Брестовац кој за разлика од неговите славни претходници, храбро или лудо, како сакате, реши да ја истера транзицијата. Предизвикот е успешно да се истурка фамозното подмладување од една страна, но и да не се загуби континуитетот во настапите на големите натпреварувања од друга. Приказната тука не е завршена…
3. Коронарен билтен
Но, прв и основен предизвик за сите е да се остане на вистинскиот пат дури и кога околностите постојано исфрлаат од колосек. И кога короната е реалност и реална опасност. Но, и кога новата реалност умешно се менаџира како добар параван, па меѓу два протоколи не знаеш кој е всушност „позитивец“, а кој „негативец“. За изолациите и само-изолациите пак, и да не правиме муабет.
Сумирано накратко од коронарниот билтен:
-Натпреварите во сите национални натпреварување во Македонија повторно се ставени во мирување поради новиот протокол според кој клубовите на свој трошок се обврзани да спроведат задолжително ПЦР тестирање на тренерите и играчите 72 часа пред почетокот на секој натпревар. РФМ и клубовите се очекува да најдат заедничко решение и клупските активности и првенствените натпревари, би требало да продолжат по завршувањето на репрезентативната недела.
-По осум месеци пауза, неколку круга подготовки и неколку одложувања на стартот, конечно и Еурофарм Пелистер излезе на терен, меѓу последните од сите екипи учеснички во европските купови. Во првиот натпревар од Лигата на Европа, битолчани пак со старата болка – еден гол покуси на крај на гостувањето против ГОГ во Данска. Велат не е од лоша карма, туку е од лоши судии. Следен предизвик за Бабиќ и тимот ќе биде дуелот со швајцарскиот Кадетен во Битола. Откако прво ќе ги поминеме Швајцарците репрезентативно.
– Металург со 1+1 позитивни во Скопје, отпатува во Франција и остана без бодови во Тулуз (тоа е старата вест). Поновата е дека потоа со уште еден позитивен, наместо на натпревар со Младост во Богданци, цел тим отиде во само-изолација. Поради новата ситуација одложен беше и вториот дуел од ЛШ со Висла.
– Вардар поради два позитивни случаи не летна за Париз на средба со Раул и со ПСЖ во 3.коло од ЛШ. Додека чекаа официјално решение од ЕСЦЈЗ, вардарци различно ја толкуваа мерката – изолација, само-изолација. Така ја протолкува и од стручниот штаб на македонската репрезентација вклучувајќи ги Стоилов, Кизиќ, Талески и Мишевски во составот за претстојните квалификациски дуели со Финска и со Швајцарија.
– СЕХА сè уште не почнала, кога ќе почне не се знае. До Нова година изгледа тешко. Можеби корона-ситуацијата побрзо ќе ги убеди и нашите сехалигаши дека сепак, е подобро да играат и дома.
-Може короната ќе умре, ама надежта на Македонија за пласман на СП во Египет не умира никако. Баражот отпадна, вајлд-карта не ни дадоа, ама на крај може и секс-скандал да не пласира на СП! Бразилски не наш, далеку било.
Полудо од ова, здравје!