Мешков не раздава бодови во Брест, славеше над ПИК Сегед

Ракометарите на Мешков Брест одиграа одличен натпревар против ПИК Сегед во рамки на 5. коло од Лигата на шампионите и славеа победа со 26:24, иако имаа и водство од седум гола. По победите над Вардар и ПСЖ, белорускиот тим дома го победи и унгарскиот тим.

Почетокот на натпреварот им припадна на гостите, ПИК Сегед постојано имаше минимална предност. Мешков успеа  во 24. минута да стигне до единственото водство во првиот дел, 10:9. До крајот на првиот дел повторно предност имаше ПИК Сегед и по 30. минути водеше 12:11.

Вториот дел подобро го започна белорускиот тим, по десет минути игра веќе имаше предност од 18:14. Во ист ритам продолжија домашните и го контролираа резултатот. Во 47. минута Мешков имаше највисока предност од 23:16, а потоа и 26:19 што беше доволно за конечен триумф.

Во завршницата ПИК Сегед успеа да го ублажи поразот и да намали само на минус два, но немаше доволно време за целосен пресврт. Најефикасен во тимот на Мешков беше Јака Малус со седум гола, а Сташ Скубе постигна шест. За ПИК Сегед, Шоштариќ со седум гола беше најефикасен, а Кањелас постигна пет погодоци.