Дуелот Мешков Брест – ПиК Сегед бил под закана за откажување

Натпреварот од 5. коло од Групата А кој се игра во Белорусија меѓу Мешков Брест и Пик Сегед до последен момент бил во неизвесност дали воопшто ќе почне.

На денот на натпреварот морале да бидат направени нови тестирања зада се утврди дека нема нови позитивни случаи во екипата, односно сите ракометари на Мешков Брест се негативни на ковид 19.

При правењето на тестови за оваа средба Александар Шкурински и уште тројца млади ракометари од екипата биле позитивни на Ковид 19 и поради тоа мораше денеска да има нови тестови за другите играчи. Резултатите беа добри односно сите други играчи се негативни на коронавирусот, па беше донесена одлука натпреварот да не се одлага.

Покрај Шкурински во тимот на Мешков Брест недостига и голманот Иван Мацкевич. Тој во последните денови има висока температура, но двата теста на Ковид 19 му се негативни. Сепак, за да нема несакани ефекти тој не е во комбинација за денешната средба.