Пред важниот дуел за двете екипи, Вардар и Порто, тимот од Португалија пристигна еден ден порано. Во петтото коло од Лигата на шампионите Јане Сандански и актуелниот европски првак ќе биде домаќин на тимот на Никола Митревски.
Следниот противник на Вардар во Лигата на шампионите, Порто, заедно со македонскиот репрезентативец Никола Митревски се “чекираа” во Скопје.
Тие попладне пристигнаа во престолнината и откако ќе се сместат во хотелот “Русија” ќе го одработат и единствениот тренинг во СЦ “Јане Сандански” пред утрешниот меч, закажан за 20:45 часот.
Откако минатото коло беше избран за играч на натпреварот и МВП играч на неделата, Митревски убаво расположен пристигна во Скопје.
Никола Митревски повторно се враќа во Македонија, откако минатата сезона ја заврши во битолскиот состав Еурофарм Пелистер. На голот на спротивната страна во утрешниот дуел ќе го има репрезентативниот колега од составот на Македонија, Борко Ристовски.
Порто и минатата сезона беше во група со Вардар, во период кога македонскиот првак имаше сериозни проблеми и неизвесна иднина. Овојпат составот на Алушовски во стабилна и позитивна атмосфера повторно ќе се соочи со изненадувањето на минатата сезона во Лигата на шампионите.