Eвропскиот шампион конечно, повторно излегува на европска сцена
1.Фленсбург за нов почеток
Вардар за три дена ќе има нов старт во Лигата на шампионите. Во Скопје доаѓа Фленсбург, точно на еден месец по дуелот со Мешков Брест, прв и засега единствен натпревар што го одиграа вардарци во новата сезона од најелитното европско натпреварување. Двата одложени натпревари поради коронарни причини, со Елверум и со ПИК Сегед, европскиот шампион го ставија во незавидна положба и во лош момент, на принудна пауза. Да биде белјата поголема, се оддолжи и стартот на СЕХА лигата, па вардарци останаа цел месец да билдаат форма „на суво“. Враќањето по долга пауза никогаш не оди едноставно, но „црвено-црните“ најавија дека успешно се справуваат со новата реалност и дека се подготвени за новиот старт во ЛШ. Барем според минатонеделните успешни домашни тестови.
Прво Бутел, па потоа и Металург го „глумеа“ Фленсбург во двата тренинг натпревари за европскиот шампион во кои избраниците на Стевче Алушовски очекувано, беа поуспшени. Вистинскиот Фленсбург во Скопје треба да истрча во четврток. Овој дуел сепак, ќе даде многу пореална слика за тоа каков е Вардар по паузата.
Само, штета што ќе ја нема публиката во „Јане“….
2.Може ли Стевче тоа што не можеа Талант и Раул?
Фленсбург доаѓа, или по новата терминологија за непредвидливост „ТРЕБА да дојде“ на пресметка со Вардар, во полн ритам и со една импресивна серија на стартот од новата сезона. Германците имаат шест победи и само еден пораз од Кил во германскиот Супер Куп. За разлика од Вардар кој во ЛШ стартуваше со пораз во Брест, четата на Макула во европската елита досега има максимални „три од три“ во кои се и двете големи изненадувања – стартната домашна победа против Келце и париската сензација против ПСЖ. На тоа плус и полн плен против Порто во третата пресметка во ЛШ. Фленсбург во ист ритам стратуваше и во Бундес лигата и таму прокнижи максимални „три од три“ во првата третина од октомври додека Вардар, генерално мируваше. Може ли Вардар од мирување да скокне во сензација и да ја прекине серијата на Фленсбург?
Може ли Стевче Алушовски да го направи тоа што не успеаја ни Талант Душебаев, ни Раул Гонзалес?
Реално, нема да биде нималку лесно, далеку од тоа, но за Вардар би било извонредно да избори позитивен резултат во овој дуел. Приближно како во она славно четвртфинале од 2017 кога Вардар му се реваншира на Фленсбург за она несреќно четвртфинале од 2014! Има историја помеѓу овие два тима.
И пак, штета што сега нема публиката, па да ечи во „Јане“:
„Ајде, ајде Вардареее…“
3.Паѓаат 50-ки како од шега!
За жал, на ракометните терени во Македонија нема публика ни за домашните натпревари во кои во оваа чудна, изместена сезона паѓаат 50-ки како од шега! Вака како што тргна, сигурно ќе биде – рекордна.
Сезоната на кошаркарски бројки на ракометниот терен, се сеќавате, ја отворија ракометарките на Металург кога прв пат ја надминаа границата 50 во дуелот со Шампион (51-18). А, кога веќе им тргна, не застанаа само на неа. Во Автокоманда пак падна 50-ка, овој пат ЖРК Металург го реши Кузман Вардар со 52-11!
По некоја случајност, Кузман Вардар точно 52 гола прими и во дуелот со Куманово (52-12) или вкупно 104 на само два натпревари во рок од три дена!!!
За ракомет правиме муабет… И за Супер лига! За женската, машката проширената, се уште не е вратена од изолација. Ќе се врати нe неделава туку следната, да се надеваме. Така рекоа…
А, додека суперлигашите принудно паузираат, се разиграа прволигашите, па и тие заредија 40-ки, 50-ки… Во македонскиот ракомет сезонава нема публика, ама има голови колку сакаш!
Аеродром го победи Кичево со 44-19, ама апсолутниот рекордот засега го имаат ракометарите на Јехона. Тие постигнаа дури 53 гола против Ринија на натпреварот на кој, верувале или не, вкупно беа постигнати дури 85 погодоци (32-53)!
За ракомет правиме муабет. Македонски ракомет.
И за една необична чудна, чудна сезона.