Кастратовиќ: Добивме ривали какви посакувавме, а сите групи се израмнети

Екипата на Металург ги дозна ривалите за групната фаза од Лигата на Европа. Тимот од Автокоманда ќе се надигрува со Адемар Леон (Шпанија), Висла Плоцк (Полска), Чеховски медведи (Русија), Тулуз (Франција) и Аон Фиверс (Австрија).

Се работи за пет противници со кои ќе бидат одиграни десет средби на кои ќе може и да се крева нивото на квалитетот и напролет да се даде она што се планира и да се одигра на највисоко ниво.

После дознавањето на имињата на ривалитет првите коментари дојдоа од тренерот на Металург, Зоран Кастратовиќ, кој е задоволен од групата во која Металург се најде и од ривалите со кои ќе ги одмери силите во групната фаза од новоформираното натпреварување во кое Македонија има два свои претставници.

„Добивме група со противници кои на некој начин ги посакувавме. Во една интерна анкета која ја правевме уште во Цирих после обезбедувањето на пласман во групната фаза од Лигата на Европа. Наша желба беше да не играме против Динамо Букурешт. Сепак, без разлика во која група и да се најдевме ќе немаше голема разлика бидејќи групите прилично се израмнети“, вели тренерот на Металург, Зоран Кастратовиќ за 24 Ракомет.

На некој начин Лигата на Европа и не заостанува многу зад квалитетот на Лигата на шампионите така што и самиот Кастратовиќ смета дека повеќето тимови можат да играат без проблеми и во посилниот куп.

„Уште во 2. квалификациско коло се виде дека има екипи кои со својот квалитет би можеле без проблеми да играат во групната фаза и од Лигата на шампиони. Така е и сега и во лигата на Европа. Едноставно нема слаби противници, а со секој може да се надигрува“.

Ова ќе биде сезона во која Металург ќе има континуитет бидејќи и нема да има време за многу пауза од натпревари што секако ќе биде добро за развојот на тимот.

„За мојата екипа ќе биде од големо значење играњето во групната фаза и со секој натпревар ќе можеме сè повеќе да се развиваме. Имаме две средби пред првата пауза, а потоа уште четири до средината на декември. Играњето против реномирани противници како за клубот така и за играчите ќе биде одлично бидејќи на тој начин ќе можеме добро подготвени да го дочекаме и плеј-офот од домашното првенство напролет“.

Со оглед на тоа што следуваат голем број на средби секако интересно е да се слушне размислувањето дали со овие играчи тимот на Металург би можел да го издржи темпото на играње.

„Сметам дека нема да имаме проблеми да издржиме до крај на сезоната со овој состав. Добро сме покриени на сите позиции со барем два квалитетни ракометари, па сите играчи се подготвени да одговорат на предизвиците кои со себе ги носи Лигата на Европа“, коментираше Кастратовиќ.

Инаку, првата средба за Металург ќе биде против тимот на Тулуз, а натпреварот се игра на гостински терен најверојатно на 20 октомври.

Металург тргнува на гости кај Тулуз, „фармацевтите“ дома против Татабања