Ракометарите на Металург ќе одат со предност на реваншот во Швајцарија, но тоа нема да биде предност која гарантира мирен натпревар. Минималните 26:24 бараат и на реваншот потење така што ќе биде возбудливо и во вторите 60 минути со оглед на тоа што се работи за две екипи кои ќе се надигруваат.
Од стартот на натпреварот се виде дека се работи за две екипи кои се приближни со квалитетот на составот. Рано стана јасно дека ова ќе биде игра во која може да одлучи еден удар, една топка, малку поангажирана игра во одбрана односно поагресивна. Ритамот во кој беа влезени тимовите од стартот го потврдуваше истото, па два гола беа најголемата предност која некој тим успеваше да ја направи.
Металург беше составот кој имаше водство во најголемиот дел од првото полувреме. Поведе првпат со 5:3 и овие два гола ги одржуваше во добар дел од првите 30 минути. Сепак, не одеше најдобро за да може да се отвори простор за поголема предност.
Иако се наоѓаше простор за да се казни одбраната на Криенс, сепак, проблеми имаше во играта пред голот на Дупјачанец. Премногу простор односно премногу лесно губење на дуелите и премногу оставање игра за противникот. Сето тоа носеше до шанса плус за противникот кој лесно реализираше.
Вториот дел не почна најдобро. Одбраната остана ранлива и понатаму. Премногу лесно се доаѓаше до шут. Криенс казнуваше или преку десно крило или преку средина така што Дупјачанец остануваше еден на еден и тешко можеше да се одбрани. Во една таква игра противникот успеа да казни и со серија од 3:0 да го сврти мечот во своја корист.
Во 38. минута, Металург имаше предност од 17:16, а пет минути подоцна резултатот веќе беше 17:19. Овие минус два гола внесоа тревога во играта на Металург, па мораше да се комбинира. Единствени расположени бекови за игра беа централните. Додиќ и Тарабокија немаа поддршка од Рниќ, Потиќ, Серафимов… па тоа се одразуваше на играта.
И во една таква игра шансите се вратија. Металург успеа да израмни на почетокот на последните десет минути и дојде до 20:20. Тука следуваше по еден гол на двете страни и конечно една пресечена топка по која Хорват во контра успеа да го врати Металург во предност. Во следната акција после одбрана на Дупјачанец и Тарабокија реализираше, па Металург одново имаше плус два, 23:21 (54. минута).
До крајот на средбата се одигра речиси идентично како и тој момент бидејќи немаше многу промени. Имаше уште по три гола на двете страни, а Серафимов стави точка за 26:24 кои ќе треба да се бранат во Швајцарија.
Хорват и Тарабокија со по осум гола беа најефикасните на оваа средба, додека по три гола имаа Канкараш и Серафимов. Во Криенс шест гола имаше Папеж, а пет Ванер.