Приближно, тоа се „координатите“ по кои забрзаното суперлигашко првенство неделава доби успорување
1.Позитивен тест – лоша вест
Не само што нема да заврши за 2-3 месеци, туку вака како што тргна кој знае до кога ќе трае и како ќе тече понатаму ракометната сезона. Само две кола по суперлигашкиот старт, РФМ мораше да го активира резервниот „план Б“ и објави 15-дневен прекин на натпреварите во групата А. Причина, веќе вообичаено во оваа нова реалност, е корона вирусот кој деновиве масовно го нападна и го однесе во изолација новиот суперлигаш, Голден Арт КЛ7. Позитивните тестови на 16 членови на клубот автоматски го активираа алармот и негативната мерка – стопирање на натпреварите во групата.
И така, по „координатата“ К-19 – КЛ7-16 – А-15, брзо тргна успорување на вонредно забрзаната сезона и отвори нови проблеми на македонската ракометна сцена.
Да биде уште полошо, случајот овој пат не е изолиран само во скопскиот тим, туку ескалираше во уште три суперлигаши од истата група А. Радовиш кој беше противник на Голден Арт КЛ7 во последниот одигран натпревар, набрзо пријави два позитивни случаи. Во Струга се седум позитивни, во Охрид двајца…Целата ситуација донесе несакан развој на настаните, а опасноста ги натера клубовите да прават и вонредни дополнителни тестови покрај оние задолжителните предвидени со протоколот и финансиски покриени од Федерацијата.
И сега некои играчи имаа повеќе тестови отколку голови! Колку и да звучи парадоксално и неубаво, за жал, тоа е реално.
2.Нема „отпорни“, има само дисциплинирани
Сепак, засега единствено важно е да нема други вакви „кластери“ и ситуацијата да се задржи под контрола. Од РФМ потенцираат дека за оваа непредвидлива сезона имаат предвидено резервни планови – Б,Ц, Д… и тоа сепак, дава некоја сигурност дека за секој проблем навремено ќе се најде соодветно решение. Но, одговорност на клубовите колективно и на секого индивидуално е дословно, без исклучок, да се спроведуваат правилата и мерките за безбедност и да се почитуваат протоколите. Ако сакаме колку-толку нормален спорт во овие нови малку повеќе изместени услови, нема ни журки, ни мекици, ни непотребни екскурзии, уште помалку свесни ризици.
Вирусот не препознава ни спонзори, ни „икони“, ни мали ни големи ѕвезди. Нема привилегирани, „коси“ без протекции и не прашува, за жал. И засега, тука останува само дисциплината како најсигурна заштита.
Колку побрзо го „свариме“ тоа, толку подобро за сите.
3.Кармата
Во овие изместени времиња, короната уште еднаш ги стави во сенка оние работи што во спортот во овој период би требало да се многу побитни – резултати и натпревари. Стартуваше новата сезона во Лигата на шампионите и Вардар во неа како се уште актуелен носител на титулата. Формално, додека не се доигра Ф4 од старата во декември.
Вардарци во новата сезона тргнаа од конекциски најнезгодната дестинација во Брест. И тргнаа со пораз од Мешков (24-22) во натпревар во кој одново го имаа расположен Борко на голот и напад за +2 на три минути пред крај, но во финишот се сплеткаа и отидоа во негатива.
Можеби тоа во оваа ситуација и не значи нешто многу, но во хронологијата сепак, ќе остане како подотокот дека Вардар стартува со пораз во европските купови прв пат по 12 години, а во ЛШ прв пат по цели 16 години! Последниот стартен пораз на „црвено-црните“ во ЛШ пред овој во Брест им беше во октомври 2004 година од Барселона (31-22). Четири сезони подоцна, во тогашниот Куп на победници на купови, вардарци на 11 октомври 2008 беа изненадени од „чоколадните момчиња“ во Естонија (32-30). И после тоа, Вардар веќе нема пораз на старт во европските купови. Се до овој 16 септември 2020.
Инаку, за да биде појасно, Вардар нема прескокнато сезона во Европа од првиот настап во 1994 година до денес. А, најголемите успеси крунисани со две шампионски титули, како што сите знаеме, ги бележи во последните седум години во кои „црвено-црните“ се константен учесник во Лигата на шампионите. Во овие изминати седум сезони, Вардар има шест стартни победи, од кои како куриозитет се издвојуваат три гостински со Монпелје и го има она легендарно скопско реми со Барса (29-29) од 2013 со кое практично и тргна подемот на тогаш новиот проект во македонскиот бренд.
По се што се случуваше и добро и лошо во изминатите 7-8 години, Вардар сега повторно е на почеток, а Брест 2020 и формално и симболично го означи новиот старт за „црвено-црните“. Нема да биде лесно, тоа е општа констатација. Само треба „paticcasamuppada“ и „vipassana“. Индиска тактика врзана со кармата.
Еве вака…
По разврската во Брест се отворија многу дискусии кој требало да влезе, кој да излезе, кој да шутне, а кој да додаде за да биде Вардар позитивен, ама не лошо позитивен како тестовите, туку добро позитивен резултатски. Некои пак, веднаш се фатија за тренерската „кармата“ на Алушовски што му се залепи уште додека беше на клупата на Еурофарм, по серијата несреќни порази и неспретни финиши.
Ако е до кармата има решение. Ослободување од кармата е можно само преку освестување што се вика „paticcasamuppada“, односно увид или „vipassana“, а сето тоа може да се разреши преку „освестување во сегашниот момент и превземање на исправни дела кои веднаш остваруваат резултат, чии последици може да се чувствуваат во неопределена иднина“. Така пишува за кармата.
Ете, од поразот во Брест и да научиме нешто.