Легендарниот Данец донесе одлука, оваа сезона му е последна во кариерата

Ракометарот кој остави длабока трага во репрезентацијата на Данска, Андерс Егерт важеше не само како одлично лево крило, туку и како еден од најсигурните изведувачи на удари од седум метри.

После долга кариера сега реши да стави крај на играњето, а ова треба да биде неговата последна сезона. Има веќе 38 години и иако е подготвен да игра уште смета дека е веќе доволно и дека треба да се повлече од терените.

„Размислувањето за крај на кариерата ми се јавува периодично веќе некое време, но досега секогаш успевав да го оттурнам. Сега веќе нема поместување на работите. Донесов одлука и нема враќање назад. Среќа немам повреди и сум во добра форма. Ќе се обидам да му помогнам на Скјерн да забележи добри резултати сезонава, но тоа ќе биде крајот. Со завршување на сезоната завршува и мојата играчка кариера“, вели Андерс Егерт.

Едно од најдобрите леви крила кое сега игра за Скјерн, имаше забележителни партии во редовите на Флензбург во минатото. Во 2014 година ја освои титулата во Лигата на шампионите, а две години претходно со Данска стана и европски првак. Има сребрени медали од Мундијалите во 2011 и 2013 година, како и од ЕП во 2014 година.