Во второто коло од Супер лигата за мажи од групата А, екипите на Струга и Јуниор Кисела Вода одиграа неизвесен натпревар во кој победата им припадна на домаќините. Струга славеше 22:20, а по првиот дел имаше негатива од 7:10.
За Струга ова беше прв натпревар сезонава откако беа слободни во првото коло. На почетокот се играше израмнето, а првото водство со повеќе голови го имаше Јуниор КВ од 3:5.
Во поголемиот дел од првото полувреме гостинскиот тим успешно ја одржуваше предноста. Првото полувреме не беше многу ефикасно во кое Струга постигна само седум гола, а Јуниор КВ го доби со 10:7.
Уште на стартот на второто полувреме Струга успеа да израмни, во текот на целото полувреме се игрше многу изедначено и ниту една екипа не направи повисока предност од два гола.
При резултат 17:19 за гостинскиот тим, екипата на Јуниор КВ влезе во кризен период во финишот на натпреварот што беше одлучувачко за победникот. Струга направи серија од 5:0 со што стигна до првата победа во првенството.
Најефикасен во составот на Струга беше Рајатовски со шест гола, а Николиќ постигна пет. Во тимот на Јуниор КВ најмногу се истакна Милутиновиќ со седум погодоци. Во следното коло Струга гостува кај Астраион во Струмица, а Јуниор КВ е слободен.