Некој ниту една – Вардар има две банки за спонзори

Ретко некој тим може да се пофали дека меѓу спонзорите има две банки, но на Вардар тоа му успеа, па во иднина на дресовите како и да бидат свртени играчите некое лого ќе го гледаме. Останува уште банките да „брцнат подлабоко“ во џебот за вистински да бидат подржувачи на спортот.

Европскиот шампион Вардар е атрактивна екипа за многу спонзори, но никогаш во спортот не се случило две сериозни фирми од иста бранша да бидат дел од еден ист клуб. Тоа му појде од рака на црвено-црниот колектив, па од наредната сезона ќе носи логоа на две од трите највлијателни банки на македонскиот пазар.

Едната се пофали дека во тековната сезона ќе биде спонзор на Вардар, и нивното лого ќе биде на дресот на ракометарите. Другата банка спонзор сè уште не испратила соопштение, иако тие веќе се на највидното место на „црвено-црниот“ дрес. Она што на многу клубови не им успева да соработуваат со некоја банка, на Вардар му успеа дупло, па започнува соработка со две банки. „Полна капа“, што би рекле старите.

Сега „црвено-црните“ можат комотно да си го сменат и прекарот во „банкари“, бидејќи со „банкарите“ најсоодветно се опишува новата спонзорска зделка на македонскиот првак.

Ако е тоа некој предзнак, тогаш вардарци не би требало да имаат никакви финансиски проблеми сезонава. Се треба да биде на време, платите, трошоците и се друго… Профитите што ги изразуваат банките со години наназад се изразени во стотици милиони евра, па веројатно она што ќе го одвојат за клубот ќе биде „едно влакно од косата“.

„Кога два успешни титани ќе си подадат рака за соработка успесите се неизбежни. Ни причинува вистинско задоволство да го поддржиме тимот кој победува. Вардар е клуб со долга традиција и име со трофејна историја, а нашата Банка сериозен спонзор кој има за цел да биде поддршка и ветар во грб за постигнување на нови резултати на кои сите ќе бидеме горди. Како општествено одговорна компaнија Банката отсекогаш била тука не само како партнер во спортот туки и кај сите други значајни сегменти од општественото живеење. Ова спонзорство е уште едно продолжување на партнерството со црвено-црните кои од оваа година се со добро познатиот старо-нов сопственик г. Михајло Михајловски под новото име РК Вардар 1961. Длабоко и искрено веруваме дека ова пријателство ќе премине во традиција“, велат од новиот спонзор-банка во соопштението испратено до медиумите.

Од Банката се пофалија за спонзорството, се разбира без да откријат колку „витамини вшприцале“. Се што е со повеќе бројки е добредојдено, но тоа е деловна тајна. Ако се спореди со големината на логото и местото каде е поставено може да се претпостави колкаво е спонзорството…

Важно, даваат пример и на другите да се приклучат кон помагање на спортот.