Светската ракометна федерација и наложи на федерацијата на Северна Америка и Кариби да го организира нивниот континентален шампионат што е квалификациски за Мундијалот во Египет, бидејќи не планира да им го додели местото со вајлд-карта.
Првично, Мексико требаше да биде организатор на ова првенство од 1 до 8 ноември, но се откажаа од организацијата поради пандемијата со коронавирус, a eдинствено Порторико покажа заинтересираност да биде организатор, но се уште не е јасно кои репрезентации ќе играа.
Мексико сигурно нема, Куба исто така се откажа, а нема да игра ниту Канада, чии играчи се низ Европа и не можат да ги соберат на едно место. САД го има најавено учеството, но селекторот Роберт Хедин се уште нема одржано собир со репрезентативците, од кои дел исто така се низ Европа. Досега освен Порторико и САД, за учество се пријави и Гренланд, пишува „КНР“.
Покрај овој шампионат на Северна Америка и Кариби, треба да се игра уште еден квалификациски турнир во Јужна Америка, кој е наречен „последна шанса“ во Ел Салвадор од 19 до 25 октомври, а таму треба да играат Чиле, Костарика и Гватемала. Но и овде постои неизвесноста околу одржувањето и учесниците.
Штом ИХФ најави дека нема намера да им додели вајлд-карти на овие федерации без да играат квалификации, јасно е дека се уште постојат шанси Македонија да се најде на Мундијалот во Египет.
Според правилата, ако не се играат квалификациите, едните или другите сеедно, местото на СП треба да го добие најдобро рангираниот континент (Европа), односно најдобрата европска репрезентација од последниот континентален собир (ЕП 2020) што нема досега обезбедно место на Мундијалот, а тоа е Македонија.
Претходно вајлд-карти за СП добија Полска и Русија, а ждрепката за групите на СП ќе биде на 5 септември.