СТРУГА 2020: Утеха за Металург, убедливо совладан Охрид во дуелот за третото место

Ракометарите на Металург го освоија третото место на 48. издание на Струшкиот турнир, откако во малото финале го совладаа незгодниот состав на Охрид со убедливи 26-31.

Металург го отвори резултатот со голот на Хорват, но потоа десетина минути не успеваше да го совлада Даниловски. Охриѓани беа расположени на стартот, па погодуваа Тот, Кривокапиќ, Чагаљ и Блажески, па Охрид поведе со 5-1.

По тајм-аутот на Кастратовиќ, металурзи се вратија во игра намалија на 7-5, а потоа Канкараш стрелаше за 8-6. Момците на Раде Стојановиќ имаа неколку избрзани напади и грешки, па беа казнети со головите на Поповиќ и Хорват.

По дваесетина минути беше 10-10. Се играше гол за гол во следниот период, а Металург повторно се врати во водство преку Хорват со 12-13. Имаше шанса и за плус три, но не беше искористена, па на пауза се замина со 13-15.

Одличниот Даниловски врза две интервенции и за неполна минута беше 15-15. Охриѓани како да застанаа во тој момент, промашија и пенал, и за пет минути во вториот дел беше 15-19 за Металург, па Стојановиќ мораше да бара тајм-аут.

Кога во 40. минута беше 17-23 за составот од Автокоманда, веќе беше јасно во каков правец ќе се одвива овој натпревар. На охриѓани како да им снема сила и комбинаторика во нападите, кои беа безидејни и се инсистираше на индивидуални решенија.

До крајот се измешаа составите на двете екипи, но разликата остана висока и Металург лесно го доврши натпреварот со конечен триумф, 26-31.

Седмото место на турнирот го освои Еурофарм Пелистер 2 откако славеше над Струга со 23-21, петтото место е за Бутел Скопје по триумфот над Прилеп со 23-25, додека финалето се игра од 21:15 часот меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер.