Раул: Долго време не сум бил во Скопје – мечот против Вардар ќе биде нешто специјално за мене!

Европскиот шампион Вардар ги дозна противниците во групната фаза од Лигата на шампионите, а меѓу нив ќе биде и тимот на ПСЖ.

Францускиот шампион предводен од Раул Гонзалес, кој првпат ќе игра против поранешниот клуб, ќе смета и на уште еден екс вардарец – Даинис Кристопанс.

Шпанскиот стратег вели дека добро ги познава сите тимови кои ќе бидат ривали на ПСЖ во групата.

„Ова е многу силна група, ние ги знаеме добро сите тимови против кои ќе играме. Сме се среќавале многу пати во минатото. Оваа сезона ќе биде поинаква, не само поради различниот формат, туку и поради тоа што првото и второто место носат директно место во четвртфиналето. Нашиот распоред ќе биде преполн со патувања и натпревари“, вели Раул.

Тој е среќен што по долго време ќе гостува во Скопје кај поранешниот клуб, со кој освои европска титула.

„Не сум бил во Македонија долго време, па сега ќе имам можност да се видам со моите пријатели повторно. Тоа ќе биде специјален ден за мене, бидејќи првпат ќе го водам ПСЖ против поранешниот тим. Очекувам добар прием од навивачите“, заврши Раул.

Според распоредот, Вардар во Скопје против ПСЖ ќе игра на 9 или 10 декември.