Ракометната федерација на Македонија пријави три тима за место во Лигата на шампионите. Според рејтингот на нашата држава, во машка конкуренција директно место во групите од елитното натпреварување доби тимот на шампионот Вардар, додека за „апгрејд“ конкурира Еурофарм Пелистер.
Во женска конкуренција според рејтингот, Македонија треба(ше) да има директно место во групната фаза од ЛШ. РФМ одлучи за место во европските купови, да бидат валидни резултатите од ланската сезона, а тогаш шампион беше тимот на Металург, кој не го искористи правото да се пријави.
Според правилникот за места во елитното натпреварување, од државите кои имаат директни места во групите, таму може да играат само шампионите. Со оглед на тоа што Металург не се пријави, станува јасно дека секој друг тим што сака да учествува во ЛШ, ќе биде третиран како тим што бара вајлд-карта или „апгрејд“.
Во новата сезона во ЛШ ќе играат 16 тимови во две групи по 8, а девет имаат директно место. За дополнителни места, кои се вкупно 7, конкурираат 12 тимови меѓу кои и Куманово. Судејќи според имињата на другите клубови, шансите за место во групите на македонскиот тим се минимални.
Извршниот Комитет на ЕХФ ќе ги разгледува пријавите до 17 јуни, а на 19 јуни ќе биде соопштено кои клубови ќе добијат место во ЛШ. Ждрепката ќе биде на 1 јули.