Екипата на Вардар продолжува со комплетирањето на тимот за новата сезона, а еден од играчите кои ќе останат дел од „црвено-црниот“ табор е и младинскиот репрезентативец Мартин Карапалевски.
Играчот кој минатата година играше за првиот тим во СЕХА и во Лигата на шампионите сега ќе добие договор со оваа екипа бидејќи Вардар јуниор нема да се натпреварува во Супер лигата.
Карапалевски ќе биде во конкуренција за позицијата среден бек, но прашање е колку ќе може да добие минутажа со оглед на тоа што ќе има доста конкуренција. Од денеска ново име на тоа место е и Анте Гаџа, кој доаѓа од ППД Загреб. Во комбинација се и други играчи, па доколку дојде уште еден среден бек тогаш ќе биде навистина тешко да се обезбедат повеќе минути на терен.
Сепак, Карапалевски е играч кој до лани беше дел од кадетската селекција на Македонија, а сега е младинец, па ќе има простор за докажување.