„Црвено-црните“ најдоа замена за Скубе: Анте Гаџа потпиша за Вардар!

Хрватскиот плејмејкер Анте Гаџа, кој досега настапуваше за Загреб е нов ракометар на европскиот шампион Вардар.

Иако овој трансфер се чинеше дека нема да се оствари, барем според најавите од хрватската престолнина, сепак Гаџа потпиша договор на една сезона, со можност да биде продолжена на уште една ако двете страни бидат задоволни од соработката.

Гаџа се појави на големата сцена во дресот на Нексе Нашице, а лани се пресели во Загреб и имаше сосема солидна сезона и во СЕХА и во Лигата на шампионите.

Плејмејкерот постигна 40 погодоци на 14 меча во елитното напреварување, додека во регионалното беше стрелец на 32 голови на 11 средби.

Сега останува да се најде решение и за позицијата десен бек, за која конкурира некогашниот член на Кил, Веспрем и Спортинг Лисабон, Марко Вујин. Вардар досега се засили со Јагуриновски, Санталов, Кантегрел, Талески и Георгиевски.