Некогашната голманка на Вардар, Мајса Песоа, секогаш е во центарот на вниманието на ракометната јавност. И тоа не поради одличните партии на голот, туку поради нејзината сексуална ориентација.
Достигнувањата на една од најдобрите голманки во светот секогаш беа „тргнати“ на страна, токму поради фактот што медиумите и јавноста се интересира повеќе за нешто што е нејзина интима.
Песоа отворено признава дека е бисексуалка, но смета дека хомофобијата е присутна во спортскиот свет. Иако јавно ја откри својата ориентација, се уште добива прашања за тоа.
„Често ми поставуваа прашања што не би требало да ми ги постават. Но денеска знам да се носам со тоа и знам што да одговорам кога се работи за мојот приватен живот. Живееме во 2020 година, а уште продолжуваат хомофобичните испади“, вели Песоа.
35-годишната Бразилка, настапи на две Олимпијади со националниот тим, а освои светско злато на СП во Србија во 2013 година, а следната година освои титула и на Пан Американските Игри. Во 2016 ја освои и европската шампионска титула со ЧСМ Букурешт, а сега ги брани боите на рускиот Ростов Дон.
„Најмногу ме вознемирува фактот што новинарите ми поставуаат прашања по некој натпревар што е многу важен, за мојот приватен живот. Ме прашуваат дали сум лезбејка, бисексуалка…Никогаш не сум имала проблеми во моите клубови или со моите колешки. Секогаш ја почитувале мојата сексуална ориентација“, продолжува Песоа.
Таа е мажена за холандскиот модел Никита Рамона, која ја запознала во 2012 година и со која живее заедно во Ростов Дон. Претходно Песоа беше во врска со канадскиот модел Ники Шумахер.