ПИК Сегед ги чува најдобрите: Мирко Алиловиќ останува до 2023 година!

Унгарскиот вицепрвак ПИК Сегед откако го продолжи договорот со десниот бек Лука Степанчиќ до 2024 година, договори уште еден играч за понатамошна соработка.

Станува збор за голманот Мирко Алиловиќ, кој се обврза да остане во тимот на Хуан Карлос Пастор најмалку до 2023 година.

Иако имаше договор до 2021, раководството на тимот побрза  да ги обезбеди неговите услуги на подолг рок.

„Моето семејство и јас сме среќни во Сегед, па среќен сум што го продолжив договорот. Сегед е вистинско место за мене, како професионално така и приватно. Многу ја сакаме Унгарија и остануваме тука во следните три години. Целта е да го освоиме трофејот во Лигата на шампионите“, вели Алиловиќ.

Хрватскиот голман претходно го бранеше голот на големиот ривал Веспрем, а бранеше и за Извиѓач, Целје и Адемар Леон.