Хмирова: Завршив фризерски курс – но од мене фризерка не бидна

Поранешната руска репрезентативка Татјана Хмирова, која пет сезони беше дел од приказната наречена ЖРК Вардар, од лето ја рестартира ракометната кариера.

Таа ќе биде членка на шпанскиот тим Салуд Тенерифе од Канарските Острови, а на ракометот му се враќа по една година пауза и настапите за унгарскиот Шиофок.

Во меѓувреме Хмирова се омажи и стана македонска снаа, а за рускиот „Брз Центар“ откри и дека завршила курс за фризери во Скопје.

„Уживав без спорт. Од јуни минатата година до јануари немав никаква активност. Максимум се качував пешки до четврти кат. Не дигав ништо потешко од кеси со арктикли од продавница. Одморав цело лето. Бев толку уморна од натпреваручки ритам што не сакав да одам никаде. Си мислев – има време. А потоа по неколку месеци ми стана необично да не правам ништо. Решив да завршам фризерски курс, и на тоа се посветив сериозно, одев по неколку часа од понеделник до петок. Како резултат на тоа, добив сертификат, но сфатив дека тоа не е за мене – фризер од мене не бидна. Некаде во јануари почувствував дека немам доволно активности и решив да се вратам на спортот. Понудите одеа преку мојот менаџер и имаше од романската Валчеа и францускиот Париз 92, од еден руски клуб, но сепак се решив за шпанската екипа од Тенерифе“, вели Хмирова.

Таа настапи пет пати на завршните турнири во Лигата на шампионите со Вардар, и освои три бронзени и два сребрени медали.