СЕДМЕРЕЦ: КритериУМ

...што се коси со здрав разум. Или, како се делат места и пари во вонредна состојба.

1.За кого одигра РФМ?

Ова како тргнало, на крај уште и ќе жалиме кога ќе заврши корона-кризата и вонредната состојба! На македонската ракометна сцена вака раздвижено не било ни во „нормални“ услови. А, вонредната состојба стана совршен изговор за се што треба да помине на мала врата, да не чека да се отвори голема. Да се искористи кризата, зошто да не! Вонредна состојба, вонреден критериум. Некој ќе се коси со здрав разум, ама кому му е сега до такви „ситници“, ви се молам!

УО на РФМ официјално го верификува проширувањето на Супер лигата и шест прволигаши ги унапреди во суперлигаши. Според пласманот и резултатите од годинашното прекинато првенство во Првата лига во кое прволигашите одиграа 15 кола, а неодиграни им останаа три, плус разигрувањето на крај. Одиграното се важи и се важат постигнатите резултати до прекинот. И тоа е во ред.

Арно ама, на истата вонредна „електронска“ седница, УО на РФМ играше по друг критериум за Супер лигата. Тука резултатите од прекинатото суперлигашко првенство беа поништени и за поделба на местата „на сила“ остана пласманот од претходната сезона 2018/2019. И според Нострадамус, тој може да важи и за 2022, а и за понатаму,  ако не дај Боже, пак се случи некоја вонредна состојба! Така било најдобро. За кого?

До прекинот, во женската Супер лига  беа одиграни 15 од предвидените 25 кола, а суперлигашите во машката лига одиграа 17 кола, а неодиграно им остана едно коло од регуларниот дел на сезоната, плус плеј-офот. Тоа не се важи. И не е во ред, ако погоре е во ред.

Зошто за исто прекинато превенство, за РФМ едни резултати се важечки, а други не, не слушнавме некое разумно образложение. Освен дека така е најпогодно, сите ќе бидат задоволни. А, за тие што не се задоволни, за да го проголтаат незадоволството послужена им е надеж за омилените „вајлд карти“. И така пак сите ќе бидат задоволни. Треба само ЕХФ ги прифати сите апликанти од македонската „бундеслига“ и се ќе биде тамам.

2.Заштитени и оштетени

Од специјалните критериуми за поделба на местата дома и во Европа, како и секогаш, има и заштитени и оштетени. Во вонредната ситуација „ќарија“ шесте прволигаши од кои повеќето, во невонредна, тешко дека сега би стигнале до Супер лига.

Со одлуката на РФМ, привилегирани останаа Вардар и Еурофарм Пелистер, без ниеден одигран натпревар да ги задржат најдобрите стартни позиции во Европа и во СЕХА. Формално, тие успеаја да го задржат статусот на шампион и на вицешампион и пак да не играат во домашното првенство и во новиот систем, кој парадоксот да биде поголем, првенствено беше ставен на дневен ред за менување токму за да се вратат сехалигашите дома. Во гужвата пред гол, во ќар од вонредниот критериум е и Бутел кој на пат за Европа „електронски“ ги „прешиша“ Охрид и Пролет.

Најоштетени од вонредниот критериум на РФМ се најдоа ЖРК Куманово како лидер во женската Супер лига и Металург и Охрид, двете најуспешни екипи во залудно одиграните 17 кола од поништената сезона во машката Супер лига. Ако не помине Еурофарм Пелистер со вајлд-карта во ЛШ, Металург ќе мора да игра квалификации за да стигне до групната фаза во Европската лига. Со оглед на потенцијалните противници, ова од една страна може да биде сериозна опасност, а од друга страна дополнителен предизвик, за тимот од Автокоманда, одново со разбудени амбиции и со сериозно засилен состав за новата сезона.

Одлуката на РФМ посебно поразителна беше за РК Охрид кој во првенството избори второ место за влез во плеј-офот, за на крај да остане со празни раце и со „ако сакаш“ апликација за потенцијална вајлд-карта за Европа.

Конечно, од удар со свој камен по глава, оштетена може да биде и РФМ која со ваквите аршини и критериуми го губи авторитетот и кредибилитетот, што успешно ги градеше со години.

3.Мизерија во раскош

Но, во вонредната состојба што не затекна, не се чудни само критериумите и на РФМ. Чудни и нелогични се многу работи. Како инаку да се објасни феноменот кога, од една страна Македонија пак е ракометно „Ел Дорадо“ и во кризата „врие“ од трансфери, а од друга страна, имаме полн ракометен список за државна помош од цели 13.050 денари?!

Од вкупно 855 спортисти, стручни лица и спортски административци што се најдоа на списокот на Агенцијата за млади и спорт за финансиска поддршка за време на вонредна состојба (ах, таа златна вонредна состојба!), околу ¼ или попрецизно 221 се „субјекти“ од ракометот. И тука, логично, има посебен критериум за тоа кој, како и зошто треба да добие помош од државата за април и за мај. Ама во тие 855 лица за кои само за април од државната каса ќе бидат потрошени околу 202.000 евра има и многу нелогичности. Безмалку, во сите спортови, ама за нас најблиски и најнесварливи оние ракометните.

Па така, двојниот европски шампион Вардар кој изминативе години палеше и гасеше низ Европа, сега е најброен на списокот за државна помош од АМС со 33 имиња од РК Вардар АД и уште 9 од РК Вардар, или вкупно 42. На списокот се најдоа играчи, тренери, па дури и поранешни спортски директори, неколку големи имиња во ракометот како Пепи Манасков, Индира Кастратовиќ, Алексеј Растворцев…

За „бедни“ 13.050 денари за нивната спортска големина?!

Замислете, во „земјата на ракометот“ и ракометарот на векот е на листа за државна помош од нецели 250 евра! И најдобрата ракометарка, своевремено и рекордерка по бројот на постигнати голови на едно СП. И неколку ракометарки од шампионската генерација на Кометал ЃП…

Дали името на еден Пепи Манасков или на Индира Кастратовиќ треба да стои на оваа листа за помош или на онаа листа на најзаслужни спортисти со национална спортска пензија? Тогаш „по критериум“ тие не би биле на листата за државна парична помош во вонредна состојба, туку на една друга многу позаслужна листа.

Дали еден Стевче Алушовски како репрезентативецот со најмногу настапи во националниот дрес и сега тренер на европскиот шампион Вардар, требаше да се најде на ваква листа како корисник на парична помош од државата од 13.050 денари, пријавен како тренер во РК Алушевски? „Уредбата со законска сила“ по која се кроени критериумите на АМС, предвидува дека корисник на овие парични средства може да биде „лице што не е вработено или ангажирано со договор за работа во друг правен субјект…“.

Значи ли тоа дека Алушовски на клупата на европскиот шампион е тренер-волонтер?! Или критериумот некако е заобиколен?

Дали овие средства треба да бидат наменети најмногу за оние на кои им се најпотребни за да ја пребродат кризата или добрата намера во распределбата на државните пари повеќе е маркетинг, а таму зема кој како се снајде во критериумите?

Кој е виновен, тој што ја извадил, тој што се ставил или тој што ја составил листата?

Вака како што ја извадија, од АМС на тацна им послужија еден куп „предмети“ на надлежните финансиски институции во државата. Ама тоа е за некои „нормални“ услови, ние повеќе сме за овие „вонредните“ и си тераме така среќни и радосни.

Секое чудо за три дена…

Наведната глава сабја не ја сече…

Затворена уста, подолго ќе си жвачка…

И, Македонија пак ќе си биде ракометно „Ел Дорадо“. Оти да не биде.