„Судиите мора да ги казнуваат играчите за симулација – таа го уништува престижот на ракометот!“

Претседателот на судиската комисија во Интернационалната ракометна федерација, Рамон Гаљего откри какви препораки добиваат арбитрите од ИХФ.

Шпанецот за веб сајтот на руската ракометна федерација говореше што треба да прават судиите кога тимот е во пасивен напад и се дозволени шест додавања кога раката ќе биде крената.

„Ние работиме на тактички тренинзи со ИХФ судиите за тие полесно да ги разберат модерните шеми на игра, напад и дефанзивни тактики. Посебен акцент е ставен на пасивната игра. Главната работа е одбирањето на моментот кога да се крене раката. Исто така важно е дека судиите можат да ја одземат топката без да чекаат да завршат сите шест додавања со крената рака. Мислам дека сега судиите се подобри во вакви ситуации отколку во времето кога беше воведено ова правило“, вели Гаљего.

Тој говореше и за неспортските фаули на одбранбените играчи.

„Дефанзивците често симулираат во поново време. Такви трикови ја усложнуваат работата на арбитрите, па ние им даваме инструкции да ги казнуваат играчите за сите неспортски фаули и за симулации, тие го уништуваат престижот на ракометот“, завршува Гаљего.

Следен голем настан во организација на ИХФ,  на кој ќе може да се провери колку судиите ги почитуваат препораките на Комисијата, треба да биде Светското првенство во 2021 година во Египет.