На 24 април ќе се знае европската судбина на Вардар!

Европската ракометна федерација на 24 април ќе одличи дали ќе продолжи сезоната во европските купови, која беше прекината поради пандемијата со коронавирусот.

Единствен македонски претставник на меѓународна сцена е европскиот шампион Вардар, кој во јуни треба(ше) да ги игра натпреварите од осминафиналето во ЛШ против ПИК Сегед.

Со секој изминат ден, помали се шансите Вардар да ги продолжи натпреварите и најверојатно ќе биде елиминиран, но не на теренот. Првиот човек на ЕХФ, Михаел Видерер откри дека се прават планови како да биде завршена сезоната, а тоа ќе биде соопштено на 24 април.

„Ќе одлучиме како ќе ја завршиме сезоната. На 25 март го закажавме продолжението за 1 јуни, тогаш тоа изгледаше реално, но се чини дека сега не е можно“, вели Видерер за handball-world.

Завршните турнири се закажани за 22 и 23 август кај мажите во „Ланксес Арена“ во Келн, додека на 5 и 6 септември кај жените во „Ласло Пап Арена“  во Будимпешта. Осминафиналните и четвртфиналните средби ќе бидат откажани во двете конкуренции и најдобрите четири од групите ќе одат на завршните турнири.

Првиот човек на ЕХФ вели дека домаќините нема да се менуваат и ќе биде направено се за да има гледачи на трибините.

„По консултациите со клубовите, се согласивме дека играње пред празни трибини е непожелно. Завршните турнири привлекуваат големо внимание кај навивачите“, заврши Видерер.

Покрај за клупските, ЕХФ ќе треба да донесе одлука и за репрезентативните натпревари што треба(ше) да се играат во март и јуни.