КАКО ДО ШАМПИОН: Чаир предлага – да се игра плеј-оф со најдобрите шест екипи, може и на лето

Новиот тим во Женската лига, екипата на ЖРК Чаир, прекинот на натпреварите поради коронавирусот го дочека на петтото место на табелата со 30 бодови, исто колку и Стружанка на четвртата позиција.

Куманово и Металург се далеку на првите две позиции, но Чаир може да се бори со Вардар и Стружанка за место во европските купови. Оттаму велат дека сакаат да продолжи натпреварувањето.

„Повеќе сме за продолжување на шампионатот со оглед на тоа што до крајот има уште девет кола и мислам дека ќе има можност да се заврши како што треба кога ќе има услови за тоа. Да се надеваме дека нема да трае многу долго оваа ситуација, сепак здравјето на играчите е најважно“, вели Басри Латифи, дел од стручниот штаб на Чаир.

Латифи има предлог до Ракометната федерација на Македонија за начинот на кој би можела да се доигра Женска лига во забрзан ритам ако нема доволно време.

„Гледајќи го распоредот на лигата, доколку се одолговлечи оваа ситуација, наш предлог е да се одигра плеј-оф, односно мини лига со шест екипи, кои горе долу се израмнети освен Куманово кое отскокнува и не е спорно дека имаат најквалитетен тим. Така лесно би се одлучило и за тоа кои тимови ќе играат во европските купови“, продолжува Латифи во изјавата за 24Ракомет.

Неговиот тим е подготвен да игра и на лето доколку ќе биде тоа потребно.

„Мислам дека би можеле да одиграме и на лето, ако треба да се игра забрзано со неколку меѓу кола и тоа нема да биде толку страшно, но сепак оставаме да одлучи РФМ како ќе биде најдобро за сите. Но треба да се има предвид дека годинава навистина има израмнета борба за местата кои водат во Европа, а Чаир е секако амбициозен и посакува да добие едно од тие места“, заврши Латифи.

Според рејтингот, Македонија во женска конкуренција може да има еден претставник во Лигата на шампионите, како и три места во Лигата на Европа.