Ракометарите на Пролет славеа на гостувањето кај Бутел Скопје со 19-22 во натпреварот од 17. коло во Суперлигата и на крајот веројатно ќе завршат на третото место на табелата.
Во првиот дел се играше гол за гол и имаше дури девет израмнувања на резултатот, но на пауза гостите заминаа со минимална предност, 10-11, откако погоди Доне Мајнов.
Во вториот дел Пролет се одлепи на 10-14, Ангелов бранеше одлично во тие моменти, па имаа избраниците на Матлиески и највисоки плус шест, 15-21. Домашните намалија на 17-21, имаа уште две шанси да намалат уште повеќе, но погрешија и шансата за пресврт отиде во неврат.
На крајот Пролет прослави победа со 19-22. Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Ласко Андоновски со седум и Мартин Поповски со шест погодоци, додека кај Бутел Скопје се истакна Мирко Мајиќ со седум гола. Двете екипи ќе играат во плеј-офот од следниот викенд.