Селекторот на Хрватска, Лино Червар, низ хрватските медиуми ги обвини македонските арбитри Ѓорѓи Начевски и Славе Николов за лоша арбитража на финалниот натпревар против Шпанија на ЕП.
Претседателот на Европската ракометна федерација, Михаел Видерер, во освртот по ЕП ги демантираше таквите тврдења.
„Одлуката за проширување се покажа како исправна и ЕП 2020 беше голем успех. Тоа беше одлична реклама за ракомет на највисоко ниво. На ниту еден резултат не влијаеја судиски одлуки, а тоа е секогаш предизвик. Во нашиот спорт бројот на одлуки во така краток временски рок е неверојатно висок. Помошта со техничката поддршка, која беше на располагање на судиите, исто така се покажа како исправна“, истакна Видерер.
Следното Европско првенство во машка конкуренција ќе се одржи во Унгарија и Словачка во 2022 година, додека на она во 2024 година, домаќин ќе биде Германија.